Jaguar Land Rover, односно по ново JLR, се очекува годинава да постигне рекорден промет, додека производителот им се посветува на моделите што носат висока добивка, како што се Range Rover и Land Rover Defender, најави извршиот директор Адријан Мардел.
JLR се соочува со променета иднина, откако два квартали едно по друго објавува профит, благодарение на силната продажба на своите три најпрофитабилни СУВ-модели: Range Rover, Range Rover Sport и Land Rover Defender.
Компанијата пријави загуба од 64 милиони фунти (околу 75 милиони евра) во претходната деловна година што заврши на 31-ви март. Причина за тоа беа прекините во синџирот од добавувачите на компоненти, што го забави производството во првите два квартали.
Просечната цена по којашто се продавале моделите на JLR изнесувала преку 70.000 фунти за минатата финансиска година. За споредба, во финасиската година што заврши на 31-ви март 2020 година, просечната цена изнесуваше 45.000 фунти.
Од фондот од нарачки, којшто брои 200.000 возила, дури 76 проценти отпаѓаат на моделите Range Rover, Range Rover Sports и Defender.
Високата цена што JLR ја постигнува со тие модели ќе биде клучен фактор, доколку компанијата успее во текот на оваа финансиска година да постави нов рекорд во прометот. Тоа го изјави Мардел на средба со новинарите во минатиот месец.
„Нашето репозиционирање кон модерен луксуз повеќе е бизнис модел што се базира врз промет, отколку врз волумен,“ изјави Мардел. „Очекувам дека во финансиската 2024 година ќе поставиме нов рекорд во прометот.“
JLR во финансиската 2023 година што заврши на 31-ви март, објави промет од 22,8 милијарди фунти, за 24 проценти повеќе во споредба со преклани. Зголемениот промет беше постигнат и покрај тоа што се испорачаа помалку возила, односно 354.000 возила, наспроти 376.000 за прекланската финансиска година.
За тековната финансиска година се очекува продажбата да достигне 400.000 примероци, како што попушта кризата во снабдувањето со микрочипови и останати делови.
Продажбата на нови автомобили уште е под бројката од 614.309 возила што JLR ги продаде во финансиската 2017/18 година. Компанијата сепак очекува дека кусокот ќе го надомести преку зголемениот промет по автомобил, односно со тоа што ќе продаде повеќе од своите поскапи модели.
Во Кина, вредноста на увезените автомобили достигна просек од 101.000 фунти по возило, објавува британската компанија. Тоа придонесе JLR да го постигне највисокиот профит на својот клучен пазар во последните пет години.
JLR ќе продолжи да им се посветува на моделите што носат повисок профит, дури и откако снабдувањето со микрочипови ќе се врати во полн обем, најавува Мардел.
Планот е една третина од продажбата да отпаѓа на Range Rover и Range Rover Sport, една третина на Defender, и уште една третина на подостапните модели, како Range Rover Evoque и Land Discovery Sport.
















