Производство за 10 часа: Уште еден план на екс-шефот на VW се откажува

Со откажувањето на изградбата на нова фабрика на Volkswagen во Волфсбург, паѓа уште еден од големите планови на поранешниот шеф Херберт Дис, за вкупното времетраење на производството на еден автомобил да се скуси на 10 часови.

Тоа беше еден од омилените планови на поранешниот шеф на концернот Volkswagen, Херберт Дис. Во новата фабрика за проектот Trinity во Волфсбург-Варменау, автомобилите требаше да се произведуваат за десет часа. Но, со веројатното откажување од плановите за изградба на новата фабрика, отпаѓаат и амбициозните планови за 10-часовното производство на автомобил.

Во интервју за германските медиуми, директорот за производство Кристијан Фолмер, искажа резервиран став околу поставената цел. „Десет часови се мошне амбициозна цел, што може да се постигне само под одредени услови“, изјави Фолмер. Со тоа останува отворено прашањето дали ќе се гради новата фабрика.

Во концернот сепак се планира голем напредок во поглед на вкупното времетраење на производството на автомобилите. „Секако дека сакаме и понатаму да го скусуваме времетраењето на производството. Тоа ќе биде под 18 часови, колку што во моментов ни е потребно во Волфсбург да го произведеме Tiguan.“

Оливер Блуме ја откажа изградбата на нова фабрика

Херберт Дис во почетокот на 2021 година ја постави целта за производството на автомобилите да трае 10 часови. Како пример послужи Tesla. Концернот Volkswagen требаше да ја постигне оваа цел во новата фабрика во Волфсбург-Варменау. Во оваа фабрика најдоцна до 2026 година требаше да започне производството на револуционерниот модел Trinity.

Оливер Блуме, кој го замени Дис, кон завршетокот на минатата година ја откажа изградбата на новата фабрика. Откако проектот Trinity беше одложен за 2028 година, сега се проверува и дали идниот модел би можело да се произведува во матичната фабрика во Волфсбург.

Конечната одлука ќе биде донесена во ноември. Блуме и шефот на марката Volkswagen, Томас Шефер, веќе укажаа јасно: Тие повеќе се за откажување на новата фабрика што ќе вреди две милијарди евра.

Претходна објаваGreat Wall Motor им продава „тенк“ на Арапите
Следна објаваJaguar Land Rover пред рекорден промет, расте побарувачката за Range Rover и Defender

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here