Шведска ќе изгради 3.000 km електричен автопат

Откако членките на ЕУ си ветија дека по 2035 година повеќе нема да регистрираат нови автомобили со мотори што испуштаат штетни материи, Шведска веќе почна со првите зафати и патната мрежа ја приспособува за електричните возила.

Скандинавците најавија дека до 2035 година ќе стават под напон 3.000 километри патишта, со цел батеријата на електричните возила да се полни во текот на самото возење. Големината на батеријата повеќе нема да ја ограничува должината на патувањето, а уште една предност е тоа што не мора да се вложува во масовно поставување на полначи за електрични возила.

Проектот почнува да се реализира со 20-километарска делница од европскиот магистален пат Е20, меѓу градовите Халсберг и Eребру, шести по големина град во Шведска. До 2025 година, оваа делница ќе биде целосно електрифицирана. Во почетокот, делницата најмногу ќе им користи на електричните камиони, коишто ќе ја полнат батеријата додека возат по патот. Во следниот чекор ќе се овозможи и патничките автомобили да полнат струја.

Шведската управа за сообраќај уште нема решено каква технологија ќе се користи за полнење на батериите на електричните возила долж E20. Може да се избира меѓу полнење преку трола, значи на ист начин како тролејбусите и трамваите, како и меѓу индуктивни и кондуктивни системи.

Системите со трола се познати од возовите и трамваите. На возилата ќе биде поставен пантограф, преку којшто се воспоставува врска со висечките водови. Овој систем повеќе одговара за камиони.

Кај индуктивното полнење се врши пренос на електричната енергија без каков било контакт, односно преку магнетно поле, што се создава меѓу намотките во возилото и намотките во патот.

Доколку се користи кондуктивно полнење, тогаш меѓу возилото и шината во патот што спроведува напон постои „четкичка“, слично како кај играчките патеки со електрични автомобили.

Искуствата што ќе се стекнат преку овој проект, понатаму ќе се користат за целосната изградба на 3.000 километри електричен автопат во земјата.

Претходна објаваVW ќе назначи директор на Bentley да раководи со проблематичниот развој на софтвер
Следна објаваKia ветува врвна климатизација во електричниот седумсед EV9

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here