Првиот човек на концернот Volkswagen, Оливер Блуме, ќе го назначи директорот за производство во Bentley, Петер Бош, да воведе ред во проблематичното одделение за софтвер Cariad, пишуваат германските медиуми.
Бош ќе го замени Дирк Хилигенберг на местото на извршен директор на Cariad во јуни. Тоа стои во денешната објава на германскиот економски дневник Handelsblatt. Бош е ветеран во групацијата Volkswagen. Тој од 2017 година е одговорен од местото на шеф на производство во Bentley.
Уште два члена во врвното раководство на Cariad – главниот технолог Лин Конго и шефот за финансии Томас Седран – исто така ќе бидат сменети, според пишувањата на медиумите.
Тоа ќе биде прво големо реструктирирање на Блуме, откако директорот на Porsche, лани во септември дополнително ја презеде функцијата на извршен директор на концернот Volkswagen, на местото на Херберт Дис.
Основана од страна на Дис, Cariad го пречекори буџетот и не ги исполни задачите, што беше една од причините за заминувањето на Дис. Проблемите во софтверското одделение предизвикаа одложување на стартот на новите и важни модели, меѓу кои се целосно електричната изведба на Porsche Macan и новиот Audi Q6 e-tron.
Двата електрични модели се клучни во стратегијата за електрификација на двете марки, со цел концернот поуспешно да се справува со конкуренцијата од Tesla. Директорите притискаа за Блуме да направи реорганизација во Cariad, и да се работи поодговорно на развојот на софтвер, со враќање на одговорноста во одделните марки.
Handelsbatt во објавата на твитер: „Нов шеф на Cariad ќе биде директор од Bentley. Volkswagen мора да го забрза развојот на софтвер, за понатамошните доцнења да не чинат милијарди“
Neuer Chef von Cariad wird ein Bentley-Vorstand. Volkswagen muss schneller in der Softwareentwicklung werden, weitere Verzögerungen würden Milliarden kosten. https://t.co/8NxTflaOVb
— Handelsblatt (@handelsblatt) May 8, 2023
Поранешниот извршен директор на концернот Volkswagen, Херберт Дис, планираше Cariad да прерасне во силен глобален играч во светот на технологијата, за концернот да ја потисне конкуренцијата од Tesla. Од марките Porsche и Audi реагираа за тоа што Cariad се мешала во нивниот развој на возила, што предизвикало конфузија и доцнење.
Cariad нема да престане со работа, иако се појавија гласини, затоа што „доколку се случеше тоа, во следната година и пол немаше да имаме нови модели по патиштата“, изјави директор од VW за германскиот Frankfurter Allgemeine Zeitung.
Со планираното лансирање на софтвер што е составен дел од структурата на возилото и што е наменет за сите марки од концернот, првично беше замислено да се донесе автономно возење од ниво 4 и ниво 5 во моделите на VW, почнувајќи во 2026 година. Тоа е одложено за две години.
















