Пред 30 години: Првиот Mercedes-Benz C-Class

Во тоа време, C-Class уште беше најмалечкиот модел на Mercedes-Benz, пред да се појави A-Class. Штутгарт соодветно го нагласуваше младешкиот стил на моделот, затоа што лимузината имаше задача да привлече нов и помлад круг купувачи. Но, во исто време се работеше и на престижот, и секако, на трките.

Компактна, безбедна и ценета – Така Mercedes-Benz ја опишуваше својата C-Class, коајшто од 1993 до 2001 година се произведе во близу 1,9 милион примероци, вклучувајќи го комбито T-Modell. Таа имаше голем товар, затоа што требаше да го продолжи исклучителниот успех на својот претходник Mercedes-Benz 190 (W 201), обнароден како „Baby-Benz“.

Под хаубата работеа нови дизели и бензинци со 4-вентилска техника, за повисока моќност, а пониска потрошувачка и соодветно почист издув. Врв во понудата беше C 36 AMG со 280 КС. Тоа беше првата соработка со AMG.

Големата промена што ја донесе овој модел од серијата 202 важеше за цела марка: Со него почна новото означување на моделите од Штутгарт, по пример на S-Class од 1972 година. Од летото 1993 година, Mercedes-Benz почна да ги менува и ознаките за сите останати моделски серии.

Во споредба со „190“, кабината е попросторна, иако каросеријата е само 40 милиметри подолга. За тоа придонесе и преместувањето на резервоарот под задната клупа. Багажникот исто така порасна. Многу новини имаше во безбедносната структура на каросеријата.

Mercedes-Benz прв воведе 4-вентилска техника во своите дизел мотори во C-Class

Во почетокот, C-Class беше понудена со четири бензинци и три дизели: C 180 (122 КС), C 200 (136 КС), C 220 (150 КС), C 280 (6 цилиндри, 193 КС); C 200 Diesel (75 КС), C 220 Diesel (95 КС) и C 250 Diesel (113 КС).

Сериската опременост опфаќаше воздушна перница за возач, ABS, сервоуправување, 5-степен менувач и централна брава. Посебност на серијата беа т.н. линии, односно варијанти на C-Class. Шттугарт ги разликуваше своите модели од серијата под имињата Esprit, Elegance и Sport, покрај стандардната изведба Classic.

Наменет за помади возачи, Esprit се одликуваше со каросерија спуштена за 25 милиметри, како и со впечатливи бои во внатрешноста. Elegance се препознаваше по лакираните лајсни и по хромираните детали, како и дрвените украсни панели во кабината. Sport исто така е спуштен за 25 милиметри и подвозјето е скрутено, заедно со пошироки гуми и алу-тркала со 5 краци.

Штутгарт уште во 1986 година почна да размислува за воведување комби T-Modell во својата основна моделска серија. Тоа се случи со C-Class, со воведувањето на комби-изведбата и во оваа моделска серија, покрај E-Class T-Modell.

Од есента 1993 до јуни 1997 беа произведени 5.221 примероци од C 36 AMG

Посебна приказна е C 36 AMG, претставен во есента 1993 година. Тоа е првиот плод од соработката меѓу Mercedes-Benz и AMG. Како основа служеше C 280 Sport. Моторот V6 од 2,8 литри, беше доведен до работна зафатнина од 3,6 литри, преку зголемување на одот и пречникот на клиповите. Се користеа специјални клипови, приспособено коленесто вратило и повисок степен на компресија. Така се постигна максимална моќност од 280 КС. Подвозјето беше спуштено за уште 10 милиметри.

Во септември 1997 година првпат проработеа осум цилиндри во C-Class, со вовеедувањето на C 43 AMG со 306 КС. Една година подоцна следеше и C 55 AMG со 347 КС.

„Турбо“ за имиџот беа победите во германското првенство со туристички автомобили DTM

Штутгарт со C-Class го продолжи успехот на 190 E 2.5-16 во првенството DTM. Клаус Лудвиг победи во 1994 година со AMG-Mercedes C-Klasse DTM, со мотор V6 со 400 КС. По него, Бернд Шнајдер го освои првенството во 1995 година, со болидот чијашто моќност порасна на 440 КС).

Во 1995 година во гамата беше вклучен C 230 Kompressor, што се повикуваше на историјата на рутс-компресори во марката. Посебноста на овој вид натполнење се состоеше во отсуството на „турбо-дупката“, којашто браншата уште ја немаше надминато во тоа време.

Од 1997 година, C-Class возеше во обновено моделско годиште, вклучувајќи ги C 240 и C 280 со нови мотори V6. Продолжи усовршувањето на дизелите. C 250 Turbodiesel е прв турбодизел со 4-вентилска техника и интеркулер. Моќноста изнесува 150 КС. Следна револуција беше воведувањето на принципот на Common-Rail. Дизелот во C 220 CDI постигнува 125 КС. Во 1998 година се придружува C 200 CDI со 102 КС.

Од 1993 до 2000 година, беа произведени 1.626.383 лимузини од серијата 202, како и 243.871 примероци од комбито T-Modell меѓу 1996 и 2001 година.

Претходна објаваVolkswagen ќе ги отпушта директорите што требаше да развиваат софтвер
Следна објаваVW ќе назначи директор на Bentley да раководи со проблематичниот развој на софтвер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here