Рудниците за литиум Tianqi Lithium планираат да вложат до 200 милиони долари во Smart, некогаш марка на Mercedes-Benz, а денес заедничка марка со кинескиот Geely.
Кинескиот Tianqi Lithium е заинтересиран да откупи малцински удел во Smart Automobile, заедничка компанија меѓу Geely и Mercedes. Тоа ќе биде дел од најновата рунда приватни финансирања на производителот на електрични автомобили.
Tianqi е во напредна фаза преговори, за да вложи меѓу 100 милиони и 200 милиони долари во Smart, заедничка компанија меѓу германската групација Mercedes-Benz и кинескиот производител на автомобили Zhejiang Geely Holding Group.
Со оваа трансакција, вредноста на Smart би можело да се искачи на неколку милијарди долари, кажуваат луѓе што се упатени во преговорите, но не го откриваат својот идентитет поради тоа што преговорите уште не се јавни. Договорот се очекува да биде постигнат во следните неколку недели.
Иако преговорите се веќе во напредната фаза, можно е плановите да се одложат или дури и да отпаднат, кажуваат упатените лица во зделката. Од Mercedes-Benz одбиваат да коментираат за случајот, додека од Geely, Smart и Tianqi уште не е пристигнат одговор до светските новински агенции.
Во Smart се подготвуваат да ги отворат вратите за надворешни инвеститори, како дел од планот за некогашната марка микроавтомобили да ја развијат во марка што ќе биде специјализирана за електричен погон. Според првичните планови, компанијата планирала од инвеститорите да обезбеди меѓу 500 милиони и една милијарда долари.
Geely е холдинг во сопственост на милијардерот Ерик Ли. Mercedes-Benz во почетокот на 2020 година објави дека марката Smart ја пренесува во заедничка компанија со Geely, со вредност од 783 милиони долари.
Со договорот е предвидено дизајнерите на Mercedes-Benz да работат на изгледот на идните модели на Smart, додека за техниката ќе бидат задолжени инженерите на Geely. Со фабрики во Кина, заедничката компанија има за цел да развие широка понуда од модели од премиум сегментот, со електричен погон и со напредни услуги на конективност.

Првиот нов модел од соработката со Geely е електричниот кросовер со ознака #1, којшто веќе се продава на европскиот пазар. Вториот модел исто така е кросовер, но со купе стил, со ознака #3. Неговиот старт е планиран за в година.
Tianqi експлоатира литиум во Австралија и го преработува во Кина.
















