Организаторите на Ауто Шангај 2023 се задоволни од големиот автомобилски собир што се одржуваше десет денови. Според податоците од организаторите, во Конгресниот центар на Шангај пристигнале 906.000 домашни и странски посетители.
На последниот Ауто Шангај што се одржа со гости од странство, во 2019 година, значи пред пандемијата, на салонот исто така пристигнаа нешто повеќе од еден милион посетители.
За споредба, најважниот автомобилски салон што се одржува на европска почва, салонот ИАА, по ново во Минхен, место традиционално во Франкфурт, во 2021 година привлече малку над 400.000 посетители.
Повеќе од 13.000 домашни и странски новинари се акредитирале за салонот. За пристап во саемските хали за првпат се користеше и идентификација на лице. Тоа е мошне солиден број, имајќи предвид дека во меѓувреме повторно се заоструваат условите за влез и за виза за Кина. Вкупната изложбена површина на Ауто Шангај изнесува 360.000 метри квадратни.
На салонот беа изложени 1.413 возила и 1.200 различни модели. Ауто Шангај имаше 93 светски премиери, вклучувајќи 28 премиери од странски компании. Покрај тоа, на кинескиот салон беа претставени 64 концептни автомобили. Од сите изложени автомобили, 271 модел располагале со погон на алтернативно гориво, меѓу нив 186 модели од Кина.

Следното издание на Ауто Шангај се планира да се одржи во април 2025 година. Светската автомобилска индустрија прво ќе му посвети внимание на претстојниот салон ИАА во Минхен. Германскиот салон за мобилност се планира за септември. Во изминатиов период почнаа да пристигаат зголемен број најави за присуство на салонот во баварската престолнина од страна на големите автомобилски компании.
















