Како марките Audi, BMW и Mercedes се борат да го сочуваат премиум статусот

Нивните возила се синоним за висок квалитет со печат „made in Germany“, тоа се трите марки Mercedes-Benz, Audi и BMW. Сите заедно постигнуваат годишна продажба од близу шест милиони автомобили, премиум автомобили.

Овие три марки го создадоа поимот премиум во автомобилската индустрија. Во тробојот за најпродавана марка, BMW во 2021 година се врати на врвот. Баварците лани повторно ги престигнаа Mercedes и Audi. Дуелот меѓу BMW и Mercedes-Benz се води во тесни граници, додека Audi заостанува со близу 400.000 возила.

Трката околу тоа која марка ќе продаде повеќе возила, во меѓувреме стана неважна. Повеќе не решаваат бројките од продажбата, туку маржата што производителот ја постигнува со секое продадено возило. Тој тренд почна за време на пандемијата и уште трае.

За сите три марки, Mercedes, Audi и BMW, заедничко е тоа што од 2019 година се соочуваат со намалена продажба. Но, и покрај тоа, трите производители лани пријавија рекордна добивка. Шефот на Audi, Маркус Дусман, лани пријави добивка на компанијата од 7,1 милијарди евра. Ола Келениус, првиот човек на Mercedes, инкасираше 14,8 милијарди евра, додека на извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, по даночењето му останаа 18,6 милијарди евра.

BMW не се врзува за само една погонска технологија

Постојат разлики во стратегијата меѓу трите концерни. За разлика од конкурентите, BMW следи курс, со којшто ги почитува сите видови на погон, место да се посветува строго на електричниот погон. Шефот Ципсе објаснува: „Ако човек се обиде долго да стои на една нога, ќе види дека тоа е проблем.“

BMW без двоумење вложува во мотори со внатрешно согорување, а паралелно тестира и возен парк со погон на водород. Топ-моделите „Neue Klasse“, што се планирани за 2025 година, концернот ќе ги нуди како електрични возила, но постои веројатност дека тие во видно време ќе се понудат и во изведба со погон на водород.

За законските одредби на ЕУ што ќе важат по 2035 година, Ципсе кажува: „Денес постојат пет видови погон за автомобилите: Бензин, дизел, хибрид, батериски електричен погон и водороден погон. Кога денес кажувате, дека за дванаесет години ќе остане само една, исклучувате четири технологии.“

Организациите за заштита на животната средина и критичарите му префрлуваат на BMW дека не го следи духот на времето и дека со својата стратегија заглавува во стариот свет со мотори со внатрешно согорување. Минхен на тоа одговара, посочувајќи на своите iFactories, односно на проектот што отпочна во 2022 година и предвидува сите фабрики да работат климатски неутрално и штедливо.

Најдоцна до 2050 година, BMW ќе постигне целосна СО2-неутралност во целиот свој круг на делување. Ципсе цени дека не е проблем тоа што се продолжува со развој на мотори со внатрешно согорување: „Ние остануваме верни на нашиот пристап со широка понуда од технологии, затоа што не сакаме да го препуштиме потенцијалот што го има пазарот и само на тој начин можеме на сите пазари да дадеме вистински придонес за заштита на климата.“

Наспроти тоа, Mercedes-Benz, таткото на автомобилите, целосно се префрлува на електричниот погон. Компанијата цени дека нивниот пат е подобар за заштита на климата. Марката со сребрената ѕвезда од 2023 година се откажува од развој на нови мотори со внатрешно согорување. „Според актуелната ситуација, E-Class и нејзините моделски изведби, последен модел е на Mercedes-Benz, којшто е конструиран врз платформа што е наменета само за мтори со внатрешно согорување“, упатува шефот за развој Маркус Шефер.

Таму каде што пазарот дозволува, Mercedes до 2030 година ќе прерасне во целосно електрична марка. За таа цел, во понудата од модели се случуваат многу поголеми промени отколку кај конкурентите Audi и BMW. До 2026 година, продажбата на модели од врвната понуда на Mercedes-Benz, ќе се зголеми за 60 проценти, од сегашните 250.000 возила. Во таа понуда спаѓаат S-Class, SL, EQS, сите модели на AMG, и секако, луксузната марка Maybach.

Луксуз под знакот на сребрената ѕвезда

Директорот за финансии на Mercedes, Харалд Вилхелм, го образложува тоа: „Повеќе нема да го зголемуваме својот удел на пaзарот преку канали што се неисплатливи.“ Големата цел е Mercedes да прерасне во чисто луксузна марка. Шефот Келениус цени дека концептот веќе почнува да делува и при соопштувањето на годишните резултати во февруари, кажа: „Иако не можеме да ги контролираме макроекономските случувања, деловната 2022 година е доказ за тоа дека стратешката определба е погодена.“

Тоа значи дека клиентите ќе плаќаат повеќе за своите возила, а Mercedes ќе постигнува повисока маржа. Во исто време ќе се постигнува и заштеда. Келениус е Швеѓанин и го води концернот од мај 2019 година. Меѓу неговите цели спаѓа и намалување на фиксните трошоци. Во спротивно, рентабилноста ќе се најде под знак прашање во ерата на електромобилноста.

Освен лускузен и скап, Mercedes ќе биде и иновативен. Штутгарт прв во историјaта доби одобрение за автомобил со способност за автономно управување според Ниво 3. Опремени со „Drive Pilot“, крстосувачот S-Class и неговата електрична верзија EQS, можат на одредени делници од аутобанот да управуваат самостојно до брзина од 60 километри на час. Техниката може и побрзо, но законите во моментов не го дозволуваат тоа.

Возачот целосно му ја препушта контролата на автомобилот. Практичната корист од тоа уште е мала, меѓутоа добивката што Mercedes ќе ја постигне за својот престиж е огромна. BMW ќе парира со слична технологија во својата „седумка“ до завршетокот на годинава. Audi веројатно ќе почне да ја користи оваа технологија пред завршетокот на деценијата.

Audi ја почна битката за враќање на врвот

Кај Audi во Инголштат, прво мора да се доврши на останатите „градилишта“. Дури потоа може да почне битката за тоа кој ќе понуди најспособна технологија за автономно возење според Ниво 3. Првата дама за стратегијата на Audi, Силја Пиех, објаснува во која насока се движи марката: „Мобилноста продолжува да се развива забрзано. За таа цел, во иднина ќе реагираме уште побрзо и пофлексибилно.“ Тоа значи дека псоледниот модел на Audi со мотор со внатрешно согорување ќе се појави во 2026 година, а по 2033 година, марката повеќе нема да нуди ниту еден модел со мотор со внатрешно согорување.

Легендарниот слоган, „Vorsprung durch Technik“, во превод – напредок преку техниката, Audi ќе продолжи да го брани кога во текот на годинава ќе го претстави својот прв модел врз новата платформа PPE. Кратенката се однесува на Premium Platform Electric. Со тоа почнува офанзивата, којашто ќе донесе близу 20 нови и освежени модели.

„Ни претстои најголемата моделска офанзива во нашата историја,“ најавува шефот на Audi, Маркус Дусман. Најдоцна до 2030 година, Audi ќе ја зголеми продажбата на три милиони возила. Тоа би било речиси двојно зголемување во споредба со сегашната динамика на продажба. За таа цел, мора многу да се работи во Инголштат.

Меѓу марките Audi, BMW и Mercedes важи спортски ферплеј во меѓусобниот натпревар, без непријателски манири. Трите премиум марки се борат за иста цел, како во здружението на германски производители на автомобили, така и кај Канцеларот во Берлин.

Заедничкиот противник – Tesla

Трите марки имаат заеднички ривал, Tesla. Во Штутгарт, Инголштат, во Минхен, секаде го потценија успехот на американскиот пионер во електричните автомобили. Tesla направи електромобилноста да стане привлечна и постави високи стандарди во софтверот.

Tesla вреди на берзата повеќе од Mercedes, Audi и BMW. Аналитичарите предвидуваат дека на калифорнискиот производител ќе му бидат потребни уште две години додека го достаса BMW, и три години до Mercedes-Benz.

Претходна објаваCupra Tavascan ја разјаснува идината на Seat како марка
Следна објаваСветот вложува во електрични автомобили и чиста енергија, тие ќе граделе автопати

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here