Проблемот околу автопатот се чини дека не е самиот автопат, па дури не е ниту тоа што бесцелно ќе се трошат пари на народот, туку тоа што воопшто не се става под знак прашање, потребата од нов автопат. Каква е користа, за милијарда евра и кој знае уште колку, да се потрошат на нешто што ниту за десет години нема да почне да произведува дополнителна вредност?
Нов автопат ќе се градел. За некој си умислен да се возел по автопат. Некој гледал многу филмови. Уште сега му е боктисано на народот, за постојано секој ден да слуша за автопатот. Кого тоа замајувате? Никој не ви вози ниту по овие автопати што веќе се изградени. Појдете од Скопје по стариот пат за Тетово, преку Желино, исто и преку Јегуновце, погледнете колкав интензитет на сообраќај се одвива таму. Потоа излезете на автопатот и избројте колку возила во истиот период од денот сообраќаат по автопатот. Или во другиот правец, преку Арачиново, до Куманово. Најмалку трипати повеќе возила сообраќаат по „стариот“, а реално новоасфалтиран и квалитетен пат, отколку по искршениот и опасен за возење автопат. Иста е ситуацијата на останатите делници. Не ви ги сака народот патарините. Нема повеќе пари за тоа.
Автопатот дури и ја нема првенствено таа намена, за по него да се одвива сообраќај со автомобили, туку тоа е главно пат за индустријата. Не тука, секаде во светот. Автопатот има функција да го забрза и осигура снабдувањето на фабриките со материјали. Уште поважно, по автопатот треба да се одвива извозот на производите, што ќе се изработат од материјалите што доспеале во фабриките по истиот тој пат. Тоа е автопат, господо што сте сонувале да возите што автопат. Што произведува земјава? Што ќе извезува? Или автопатот е повеќе за увоз на тикви, печени семки и брашно за боза?
Тоа се темите со коишто вистински треба да се занимава сцената. Тука во Аутомедиа, нема овојпат да се занимаваме со истражувања и анализи. Има многу поголеми и поспособни новинари да работат на тие стратешки важни теми. Тоа што сакаме да укажеме, е неопходноста за земјата конечно да почне да се ангажира за иднината, во делот на мобилноста, а денес тоа значи и во делот на производство на електрична енергија.
Светот не се менува, туку веќе се смени. Електрични автомобили, електричен погон воошпто, произведување чиста енергија, значи енергија од обновливи извори. Грижа за животната средина, не со ќеси без рачки, туку со вистиски мерки. Со најобично „препишување“ од светот, од попаметните од нив.
Тука не само што е надвор од разум да се зборува за поголемо залагање за електромобилноста, туку уште не е дојдено ниту до разликувањето чисти возила што не се штетни за сé што е живо или барем полуживо околу нив, од нечисти возила што подолго од десет години се довлечкуваат од бугарските ниви со коли, заградени со жица за кокошарник – а тие пак довлечкани од германските авто отпади.
Не само што не дошло време за зборување електрични автомобили, туку не почнало да се зборува ниту за еколошки автообили – не се тоа џипови и лимузини во коишто германските директори ги возеле во 1990-те години, и што тогаш чинеле 80.000 марки, а сега ги лажат дека чинат 2.000 евра, туку се автомобили што денес ги произведува индустријата. Обични градски автомобили, „пунто и поло“ какви што уште се продаваа во нормален обем во времето пред да почне да се носи отпадот од светот. Тој свет, патем, се ослободи од отпадот, сега се префрлува на електрична енергија. И живее чисто.
Милијарда евра. За масовна изградба на соларни или ветерни централи за производство на електрична енергија? За сопствено производство и поставување полначи за електрични автомобили по улици, пред згради и молови? Можеби за фабрика за производство на батерии, место погони што вработуваат „кинези“ за да заштрафуваат завртки со навртки? За обновување на железницата, којашто патем исто така користи електрична енергија? За електрични бродови и кајчиња на Охрид? За превоз со електрични автобуси во градовите? Или, за тоа што најмногу ги фаќа страв, за милијарада евра што се доволни за десет години субвенции, за народот да може да си дозволи електричен автомобил?
Ништо од тоа не знаат овие да сработат. За тоа е потребни способни луѓе. Некој што си ја сака земјава. Тие ќе граделе автопати.