Групацијата Mercedes-Benz постигна благо зголемување на продажбата на возила во првиот квартал годинава, за што се најмногу заслужни електричните возила и најскапите модели во понудата.
Светската продажба на Mercedes-Benz Group, со ограноците Mercedes Benz Cars (Mercedes-Benz, Mercedes-AMG, Mercedes-Maybach) и Mercedes-Benz Vans, во првите три месеци од годината пораснала за 3 проценти, на вкупно 503.500 возила. Најголем раст е постигнат во Европа, со плус 8%, објави денес производителот од Штутгарт.
Електричните автомобили биле најголем двигател на продажбата, со речиси двојно зголемена продажба и вкупно 51.600 возила. Батериските електрични возила учествувале со 10 проценти во вкупната продажба на Mercedes-Benz. Во истиот период лани, нивното учество изнесуваше 6 проценти.
Меѓу чисто електричните возила на Mercedes е најпродаван електричниот кросовер EQB. Неговата продажба се зголемила за 189 проценти во споредба со првото тромесечје лани. Исто и продажбата на EQA напредувала за 64 проценти. Од луксузниот СУВ со целосно електричен погон, EQS SUV, продадени се 5.500 примероци.
Во највисокиот сегмент во понудата на групацијата, каде што спаѓаат AMG, Maybach и G-Class, исто така е забележан раст од 18 проценти. Вкупно 91.800 модели од врвот на понудата на Штутгарт се продадени за три месеци.
Директорката за продажба и маркетинг Брита Зегер, кажа дека електричните возила и моделите од врвпт на понудата постигнале одлични резултати „и покрај постојаните прекини во синџирот за набавки, тешкотиите со коишто се соочува економијата и геополитичката неизвесност.“
Продажбата во Кина се зголемила за 3 проценти, додека пазарниот волумен во Северна Америка пораснал за 1 процент.
Раст има и во огранокот за лесни товарни возила Mercedes-Benz Vans (камионите и автобусите се издвоија во Daimler Truck), каде што продажбата напредувала за 12 проценти, на 98.900 возила. Тоа е најдобар прв квартал во историјата на „Vans“.
















