Малиот гениј со големо влијание. Така Toyota го цени својот Yaris, а има и зошто да го цени, затоа што досега се произведени десет милиони возила со значката Yaris назад. Славеничкиот примерок е мошне соодветен за пригодата, тркачки GR Yaris со 261 КС.
Yaris во својата 25-та година им се придружи на Corolla, Camry, RAV4, Hilux и Land Cruiser, како модели што имаат надминато 10 милиони примероци. Четири генерации досега се пуштени по светот. Славеничкиот примерок е Yaris GR Sport, произведен во фабриката во Валенсјан. Фабриката во Франција почна да го произведува моделот за европскиот пазар во 2001 година.
Токму разновидноста што им се нуди на возачките и возачите во моделското семејство на Yaris му даде посебен имиџ на овој автомобил, а секако дека тоа придонесе и кругот на купувачи да биде широк. Yaris се нуди и во изведба со основно ниво на опрема и мотор со 72 КС, но и во изведба со хибриден погон и ексклузивно ниво на опрема, со двобојна каросерија. Круната е GR Yaris, којшто всушност е хомологациска основа за рели-болидот, што со стандардниот модел ги дели само антената и внатрешниот ретровизор.
До завршетокот на февруари 2023 година, на европскиот пазар се продадени вкупно 5.155.506 примероци, откако почна продажбата во 1999 година. Во минатата година, моделското семејство на Yaris учествуваше со повеќе од една третина во вкупната продажба на Toyota во Европа, со 185.781 примероци од Yaris, 156.086 примероци од Yaris Cross и 5.392 примероци од GR Yaris. Тоа соодветствува на 8 проценти од вкупниот пазарен сегмент на моделот.
Производството прво се одвиваше само во фабриката во Такаока, во префектурата Аичи, Јапонија, почнувајќи од јануари 1999 година. Денес моделот се произведува во 10 држави: Јапонија, Бразил, Кина, Тајван, Индонезија, Малезија, Пакистан, Тајланд, Франција и Чешка.
Француската фабрика (TMMF) се приклучи во 2001 година, за пред две години да го воведе и Yaris Cross. Исто така во 2021 година, фабриката во Колин, Чешка, стартуваше со производство на Yaris, заради покривање на големата побарувачка. Само во Европа до завршетокот на 2022 година се произведени повеќе од 4,6 милиони примероци.
Клучните компоненти за Yaris исто така се произведуваат локално. Полската фабрика (TMMP) ги снабдува со бензински и хибридни погонски единици, како и со менувачи, фабриките во Франција (TMMF) и Чешка (TMMCZ).
Првата генерација на Yaris ја освои ценетата награда на Автомобил на 2000 година во Европа. Тоа е прв модел на јапонската марка што ја освоил оваа награда. Истата година, Toyota Vitz, како што е името на моделот на јапонскиот пазар, ја освои и титулата на Јапонски автомобил на годината. Секоја следна генерација на Yaris се изборуваше за место во финалето за избор на Автомобил на годината во Европа. Во 2021 година, тековната генерација на Yaris повторно ја понесе европската титула.
Првата генерација на Toyota Yaris – Piccolo Genio a.k.a. Little Genius
Во доцните 1990-ти, Toyota почна со развој на нов градски модел за 21-от век, што ќе се продава ширум светот. Новиот модел имаше голем предизвик, како наследник на Toyota Starlet. Тој требаше да има современ изглед, да располага со најнова технологија и да постави нови стандарди меѓу градските автомобили, со револуционерниот концепт на „big-small”.
Светот првпат ја виде визијата на Toyota преку концептниот автомобил Toyota Funtime, прикажан на салонот во Франкфурт во 1997 година. Дизајнот беше дело на Европската креативна канцеларија (EPOC) во Брисел, Белгија.
Една година подоцна, на салонот во Париз следеше светска премиера на серискиот модел. EPOC кусо потоа стана Toyota European Design Development (ED2). Во дизајнот на внатрешноста учествуваа и јапонските стилисти.
Еднолитарскиот мотор со 68 КС во првиот Yaris беше познат под прекарот „Mighty Atom“, затоа што повлекуваше исто како 1,4-литарски мотор. Во 1999 година, тој беше прогласен за Светски мотор на годината во својата категорија.
Подоцна се придружи 1,3-литарски бензинец VVT-i со 87 КС. Во 2001 година, преку Yaris се лансираше подмарката модели со спортски перформанси под името T-Sport. Верзијата со три врати доби варијанта Yaris T-Sport, со 1,5-литарски VVT-i со 106 КС при 6.000 вртежи. Со тоа следеше и спортски дотерано подвозје, зајакната каросерија и спортски ентериер. Секоја следна генерација оттогаш вклучува и спортска изведба.
Во 2002 година, во Yaris почна вградувањето на 1,4-литарскиот дизел D-4D. Toyota е прв производител што конструираше дизел мотор во целост изработен од алуминиум.
Првата генерација се продаде во вкупно 1,2 милион примероци.
















