Некогаш не се потребни многу коњски сили или тркала што досегаат до појасот, за еден автомобил да покаже дека е посебен. Suzuki Jimny се појави во серија во ограничен број примероци, со графика отстрана што потсетува на времето на SJ410/413, на славниот Samurai.
Австралискиот пазар прерасна во еден од поважните пазари за јапонската марка во светски рамки. За моделот Suzuki Jimny, малечкиот теренец со голема способност за пробивање по теренот, со многу погоден стил во тековната генерација, во земјата се чека неколку месеци за испорака, поради големата побарувачка
Секако дека вештината на менаџментот е тие моменти да се искористат дополнително. Под името Jimny Heritage е понудена посебна серија на хит-моделот, којашто става нагласок на деталите во стилот на неговите претходници од 1980-те години. Серијата ќе се изработи во само 300 примероци и ќе биде достапна само за австралискиот пазар. Меѓутоа, мошне е извесно дека тоа ќе послужи како пример и за останатите пазари да направат сличен чекор.
Jimny Heritage се нуди само во изведба со 5-степен мануелен менувач, без можност за избор на авоматска верзија, што е сосем во склад со ретро-намерата. Од четирите понудени бои, во меѓувреме останаа достапни само три – црно-сината боја со бисерен ефект е распродадена. Остануваат зелена, бела и средно сива боја.

Зад тркалата се поставени калници, како на времето, коишто се нагласени дополнително, со тоа што се во црвена боја. Натписи Suzuki и Jimny секако не смеат да недостигаат. Налепницата долж каросеријата е во црвено-портокалови нијанси, што е пак во стилот на 80-те. Тркалата од 15 инчи исто така се одликуваат со посебен дизајн за серијата.
Опременоста е богата и вклучува клима уред, диодни предни светла, магленки, собирање на ретровизорите, црно лакирани капи на ретровизорите, средишен дисплеј од 7 инчи и задна камера.


Suzuki Jimny постигна одличен успех и на македонската сцена. Во меѓувреме увозникот за јапонската марка ја воведе и товарната изведба, без задна клупа, но и со можност за ослободување од данок, како службено возило. Во тој случај цената изнесува 18.636 евра, без данокот.
















