ЕУ подоцна ќе гласа за забрана за мотори, Германија негодува

турбо дизел знак

Европската Унија го одложи клучното гласање за да се воведе забрана за возила со мотор со внатрешно согорување, откако Германија неочекувано и во последна минута излезе со приговор, загрижена околу тоа како зелените планови на Унијата ќе влијаат врз индустријата.

ЕУ и политички претставници од Германија преговараат за да се постигне компромис и користењето е-горива во новите автомобили да биде дозволено и по 2035 година. Постојат првични знаци од Берлин, дека договорот сепак може да се постигне и ќе се дозволи да продолжи постапката.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, треба во недела да одржи средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, со можност да се дискутира на темата.

„Противречно е кога Комисијата на ЕУ, од една страна се повикува на високи цели за заштита на климата, додека од друга страна го отежнува постигнувањето на тие цели со премногу амбициозни закони“, изјави германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг во петокот, во долниот дом на Парламентот во Берлин. Тој додаде дека останува извршната власт на ЕУ да излезе со решение што ќе биде поприфатливо.

Министрите на ЕУ требаше во четвртокот да гласаат за постапката што се очекуваше да биде обична рутина и да се одобри договорот што Унијата го издејствува лани, за по 2035 година целосно да се забрани продажба на нови возила што користат фосилни горива.

Даниел Холмберг, претставник на Шведска, којашто е акгуелен претседавач со ЕУ, на својот профил на твитер објави дека гласањето се одложува и дека дипломатите ќе се вратат да гласаат „во скоро време“.

Одложувањето е знак за загриженоста на Унијата, поради можноста Германија да одбие да го даде својот глас и со тоа да го оневозможи спроведувањето на зелените планови на ЕУ, укажуваат лица што се упатени во проблематиката.

Некои германски претставници навестиле дека е можно договорот да се постигне и со тоа да се заштитат големите планови.

„Доколку комисијата има издржани ставови во преговорите со министрите и со
германската влада, оптимистичен сум дека ќе се најде решение,“ коментираше Свен Гиголд, државен секретар во германското министерство за економија и климатски акции, додавајќи дека преговорите се тешки.

Германија бара гаранции од Европската Комисија, извршната власт на ЕУ, за таканаречените е-горива да може се користат во новите автомобили со мотор со внатрешно согорување и по 2035 година.

Противењето во последната минута е крајно необично во европското законодавство, имајќи предвид дека договорот меѓу 27-те држави членки на ЕУ и парламентот беше постигнат во октомври и претстојното гласање требаше да биде обична формалност.

Претходна објаваAlfa Romeo одбележува јубилеј на Autodelta на првата трка во новата сезона во Ф1
Следна објаваКинески Haval стана втора најпродавана марка во Русија по Lada

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here