Поранешен директор за продажба на Renault е нов шеф на Citroen

Концернот Stellantis ја образложува смената во Citroen, со предизвиците што претстојат на патот на електрификацијата, како и со појавувањето на новите играчи на автомобилската сцена.

Citroen го назначи долгогодишниот специјалист за рекламирање Тиери Коскас за свој нов извршен директор.

Главната задача на новиот шеф е да обезбеди дека француската марка ќе понуди достапни електрични автомобили, во време кога расте конкуренцијата во Европа, од ривали од Кина, што нудат пониски цени. Концернот на Peugeot и Fiat вечерва го објави соопштението, во коешто се наведува смената на првиот човек на француската марка.

Коскас, 58 години, доаѓа на местото на Винсент Кобе, 54, кој си заминува од компанијата. Промените стапуваат на сила на 1-ви март.

Stellantis наведува дека Коскас е назначен за функцијата „во време кога растат предизвиците што се однесуваат на достапноста на електричните возила за корисниците и доаѓањето на новите играчи на автомобилскиот пазар.“ Тоа значи дека задача на Коскас ќе биде да развива електрични автомобили, што со цената ќе им се спротивстават на кинеските електрични автомобили што сé помасовно пристигаат на европскиот пазар.

Извршниот директор на целиот концерн Stellantis, Карлос Тавареш, во минатиот месец изјави дека европскат автомобилска индустрија се наоѓа на крстосница, во трката со своите ривали од Кина. Европската автомобилска индустрија можеби ќе биде присилена за значително да го намали својот производствен капацитет, за да се соочи со растечката конкуренција од Кина, објаснуваше Тавареш.

Што се однесува до префрлувањето на електрични возила, Кобе лани изјави за медиумите дека електричниот четирицикл Citroen Ami, што во Италија чини 7.790 евра, како и новиот концепт Oli, помогнале производителот на автомобили да го постави патот кон елеткрични возила по достапна цена.

Понудата од модели со целосно електричен погон на Citroen во моментов го вклучува e-C4, со цена од 37.540 евра во Германија, како и e-Berlingo и e-SpaceTourer. Во Германија, e-Berlingo почнува од 37.790 евра, додека цената на основниот модел на e-SpaceTourer изнесува 53.640 евра.

Врската со Renault

Коскас беше поканет во PSA Group во 2019 година, додека работеше за конкурентскиот Renault. Неговата главна задача беше да ги организира продажбата и маркетингот на марките Peugeot, Citroen, DS и Opel на прекуокеанските пазари. Коскас ја задржи својата функција на директор за продажба и маркетинг, откако PSA се соедини со Fiat Chrysler Automobiles, за концернот Stellantis да се формира во 2021 година. Тие функции остануваат и по преземањето на директорувањето во Citroen.

Во своите повеќе од две децении во Renault, Коскас раководеше и со програмата за електрични автомобили на францускиот производител, во периодот од 2009 до 2012 година, а беше и извршен директор на Renault Argentina од 2013 до 2016 година.

По преоѓањето во PSA, Коскас повторно се најде во ист тим со Тавареш, кој во тоа време беше извршен директор на PSA, пред да биде назначен за прв човек на целиот концерн Stellantis.

Коскас и Тавареш работеа заедно и во времето на поранешниот шеф на Renault, Карлос Гон.

Коскас беше директор за продажба на Renault, кога ја напушти компанијата, по приведувањето на Гон и неговото исклучување од алијансата. Тавареш беше главен извршител на Гон, пред да си замине од Renault во август 2013 година. Португалецот почна да работи за PSA во 2014 година.

Кобе, кој исто така работеше во тимот на Гон, ја презеде функцијата на извршен директор на Citroen во 2020 година. Тој претходно беше на извршни функции во Nissan и Mitsubishi, и меѓу другото раководеше со возобновувањето на марката Datsun.

 

Претходна објаваFiat е најпродаваната марка во концернот Stellantis лани
Следна објаваPeugeot 508: Оваа лимузина има изглед за петка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here