за

Peugeot 508: Оваа лимузина има изглед за петка

Сцената ги сака моделите на Peugeot во сите големини и форми, но за овој модел секогаш реагира уште малку поемотивно. На лето доаѓа освежениот Peugeot 508.

Тоа што сега му се случува на Peugeot 508, на најголемиот од сите лавови, на барбарискиот лав во понудата на француската марка, претставува соединување на сите новини во изминативе години, низ целата гама, во еден модел. Точно како што доликува за најпретставителниот модел во гамата.

Peugeot го најавува својот освежен 508 за моделското годиште 2023, како „новото лице на привлечноста“. Цел филм почнува да се одвива пред очи, кога ќе се види новиот дизајн на носот на лимузината. Во маската прво се препознава растерот што беше воведен со 208 и оттогаш е обележје на целата гама. Старо-новиот грб што го воведе новиот 308, заедно со моќно заоблените крила и тенките светла со прецизна геометрија, исто така се забележуваат јасно.

Тоа што Peugeot 508 го воведува како новина во изгледот, се трите тенки линии од светлечки диоди, во функција на дневно светло, а во улога на „очници“. Овој детал ќе биде уште повпечатлив кај целосно новата генерација на Peugeot 3008, чијашто премиера исто така се очекува годинава. Како што неодамна најавија шефицата Линда Џексон и дизајнерот Матијас Хосан, овие три светлечки линии, што потсеќаат на гребаница кога лавовска шепа ќе посегне по пленот, во новата генерација модели ќе прераснат во главно обележје на дизајнот на моделите на Peugeot.

Секако дека создателот на овој дизајн умее да објасни најверодостојно. Матијас Хосан: „Peugeot ја зајакнува својата технолошка и лавовска препознатливост, со радикалниот карактер на новиот 508. Ултра-тенките предни светла и печатот со трите шепи се дел од маската што се втопува во браникот, создавајќи спектакуларен преден дел.“

Во внатрешноста е работено да се создаде посилен впечаток за квалитетот на изработката и да се внесе нова свежина, со унапредените материјали и сменетите комбинации од бои. Многу простор се отвори во средишната конзола, каде што место масивна рачка на менувачот, сега функционира преклопникот, познат од 208-308-3008. Тоа меѓу другото значи и дека мануелен менувач повеќе не е опција во најголемиот Peugeot.

Со системот за инфо-забава е исто како човек кога ќе го смени мобилниот телефон со нов. Средишниот дисплеј во i-Cockpit располага со пречник од 10 инчи, со висока резолуција, со навигација, со командување со природен говор место со точни фрази, безжично поврзување со телефон и обновување на софтверот директно од податочен облак.

Бројни системи придонесуваат за возењето на знаменосецот да биде уште попријатно и побезбедно, од коишто дел се достапни како опција. Прв е системот за ноќно гледање, што предупредува кога ноќе, уште пред возачот да забележи, на патот има пешак или велосипедист. Приспособливиот темпомат нуди автономно возење од Ниво 2, со автоматско поаѓање и запирање кога се вози во колона. При нарачка на приспособливо подвозје, може да се бира меѓу стандарден, комфорен или спортски начин на работа.

Понудата од погонски единици опфаќа два приклучни хибриди, со моќност од 180 и 225 КС, како и дизел и бензинец со по 130 КС. Сите мотори се комбинирани со 8-степениот автоматски менувач со класичен претворач на вртежен момент.

Врвот на гамата секако дека и натаму им припаѓа на PSE-изведбите, со погон на сите тркала, со два електромотори во погонот, и со системски 360 КС.

Производството е во фабриката во Мулуз, Франција, испораките почнуваат налето.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Поранешен директор за продажба на Renault е нов шеф на Citroen

Водородниот погон на Toyota се вградува во тешки камиони