Спортските модели на Opel во иднина ќе имаат електромотор во погонот. Единстената германска марка во Stellantis ја заснова подмарката GSe, којашто почнува со Astra GSe со приклучен хибриден погон.
Opel ги враќа прочуените три букви „GSe“. Риселсхајм пред само неколку денови најави дека кратенката GSe (Grand Sport electric) во иднина ќе се користи за новата подмарка, што ќе нуди динамични и електрифицирани модели од марката со молњата. Сега следат и првите фотографии што го прикажуваат изгледот на новите модели GSe – тоа се Opel Astra GSe и нејзината комби изведба Opel Astra Sports Tourer GSe. Намерата на производителот е овие модели со бараниот приклучен хибриден погон да понудат најдобар баланс меѓу возен комфор и спортски возни својства.
„Новата Astra GSe и новата Astra Sports Tourer GSe се совршени, за да ја воведеме нашата нова спортска подмарка и да ја исполниме со живот. Во исто време, со овие модели исто така ја продолжуваме нашата стратегија, до 2028 година да прераснеме во целосно електрична марка во Европа“, изјави Opel-шефот Флориан Хутл.
Со системска моќност од 225 КС и вртежен момент од 360 Nm, Astra GSe и Astra Sports Tourer GSe можат да понудат динамично и спортско возење, но пред сé уживање во возењето. Податоците за перформансите уште не се откриваат, затоа што моделите уште се во фаза на хомологација. Единствено се наведува податокот за потрошувачката од 1,1 до 1,2 литар на сто километри, во случај да се поаѓа со полна батерија и да се вози на струја сé додека има „сок“ во батеријата.
https://photos.app.goo.gl/q4ZLkeXrn9bdAAZ17
Посебноста на GSe моделите е во зафатите во подвозјето. Техничарите направија возачот да добива подиректна информација преку управувањето. Зафати со иста цел се преземени и во пружините и амортизерите, како и во сопирачките.
Каросеријата на Astra GSe e спуштена за 10 милиметри. Цел при дотерувањето на моделите во фазата на развојот беше да се обезбеди врвна стабилност и сигурно следење на линијата во свијоци, при сопирање и при возење по автопат
Управувањето посредува поспортско чувство. Специјалните пружини и маслените амортизери на предната и задната оска овозможуваат во исто време и динамично и комфорно возење. За тоа се грижи технологијата FSD (Frequency Selective Damping) од Koni. Амортизерите го приспособуваат придушувањето во зависност од фреквенцијата со којашто се движи возилото. Соодветно е приспособена и реакцијата на контролата на стабилноста. Таа се вклучува со мало доцнење, за возачите на GSe да можат да постигнат повисока динамика во возењето.
https://photos.app.goo.gl/r2BzeV91XK3UAT8w5
Обележја на GSe се тркалата од 18 инчи, со дизајнот што сцената го познава од електричниот концептен автомобил Manta GSe. Предниот браник има различен стил од стандардните модели, а назад јасно се забележува ознаката GSe. Седиштата се спортски и обложени со алкантара. Тоа се ексклузивни седишта за моделите GSe, конструирани врз основа на долгогодишното искуство на Opel во изработката на седишта со врвна ергономија.
Кратенката „GSe“ има посебно место во историјата на Opel, преку спортските и престижни крстосувачи Opel Commodore GS/E и Opel Monza GSE. Во тоа време, кратенката означуваше „Grand Sport Einspritzung“, за користењето систем за впрскување на горивото место карбуратор.
https://photos.app.goo.gl/RcjYHJbPz6FHBrW97
https://photos.app.goo.gl/fqcoQf6cH3HfLmH89
https://photos.app.goo.gl/nbRhpMP3XuWRW7Qo7
https://photos.app.goo.gl/jVp5M7ARW3QGDnRs7
Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда
















