Во јули во присуство на канцеларот Олаф Шолц беа поставени темелите за новата гигафабрика во Залцгитер. Производството на батериски ќелии почнува во 2025 година. Во исто време се врши и преквалификација на персоналот, главно се образуваат хемиски лаборанти. Фабриката ќе вработува околу 2.500 лица.
Фабриката на Volkswagen во Залцгитер ќе биде показен пример, како еден капацитет што е посветен на производство на мотори, се претвора во капацитет за изработка на батериски ќелии. Тоа е првата гигафабрика на концернот, во којашто ќе се изработуваат батерии за електрични автомобили. Предизвикот беше постоечкиот персонал да се преквалификува за производство на батерии. Според менаџерите, Залцгитер во моментов е најголем камп за обука за батериска технологија во светот.
Предимство во обуката за работа во новата фабрика имаат постоечките работници. Досега се преквалификувани околу 500 вработени, за работа во изработката на технолошки компоненти за електрични возила, како што се ротор и статор. Се обучува и за работа во пробната постројка за рециклирање батерии, но и за самата изработка на батериски ќелии. Повеќе од половината од оперативните позиции во фабриката веќе се префрлени на производство на батерии.
Главната тежина на кадарот што ќе работи во Залцгитер е поставен на хемиската сфера, односно на хемиски лаборанти. До почетокот на изработката на батерии во 2025 година, во фабриката ќе бидат вработени околу 80 интерно квалификувани хемиски експертки и експерти. Во иднина, повеќе од 80 проценти од слободните места за квалификација ќе се однесуваат на подрачјата електро, информатичка технологија и хемија.
Концернот посебно основаше компанија што ќе биде специјализирана за батерии. PowerCo, освен во изградбата на фабриката во Залцгитер, работи на планирање на фабриката за батериски ќелии во Валенсија, а се решава и околу изборот на локациите во Источна Европа и во Северна Америка, на коишто исто така ќе се градат гигафабрики.
Volkswagen на 7-ми јули почнува изградба на фабрика за батерии во Залцгитер
















