Opel преку бројни настани одбележува 160 години од основањето, а 29-ти август 1982 година е точниот датум кога Адам Опел го внесува името на компанијата во трговскиот регистар во Риселсхајм.
Големата историја на големата автомобилска марка почнува со изработка на машини за шиење во 1862 година, во Риселсхајм. Следен чекор се велосипедите, кога Opel се развива во најголем производител на велосипеди во светски рамки. Уште од самите почетоци, производите на Opel носат заедничка одлика: Целта е иновациите да станат достапни за народот.
Тоа мото на Opel важи и денес, во ерата на електромобилноста, со Opel Corsa–e како еден од најдостапните модели со електричен погон на пазарот. На тоа се надоврзуваат уште бројни моделски изведби со приклучен хибриден погон, вклучувајќи ја и новата Astra.
Основањето на компанијата во 1862 година: Секој почеток е тежок
Како најстар син на машинобраварот Филип Вилхелм Опел, патот за којшто се одлучува Адам е познат однапред. Тој по извесно време продолжува да ја води работилницата на татка си. Но, Адам има и други планови. Неговиот најголем сон е градот Париз. По престојувањето во Лиеж, Брисел и Лондон, каде што стекнува вредни искуства, Адам Опел конечно се наоѓа во својот град од соништата. Таму тој решава да се впушти во производството на машини за шиење.
Кон крајот на август во 1862 година, тогаш 25-годишникот се враќа во родниот Риселсхајм, и тогаш уште против волјата на својот татко, во скромна работилница во семејната куќа, започнува самостојно да изработува машини за шиење. По престојот во светските градови, враќањето на младиот бравар во своето родно место претставува голема промена. Но, токму во тогашното село Риселсхајм, со 2.000 жители, Адам ги поставува темелите за Opel, компанија што ќе стане светско име.
Семејната куќа во којашто Адам Опел ја организира првата работилница
Изработката на првата машина за шиење трае со месеци. Машината ја купува локалниот кројач Хумел, кого што таа ќе го служи во следните 40 години. Уште тогаш се зборува „Opel, der Zuverlässige“, односно народот ги цени производите на Opel како издрживи и трајни. Во 1863 година, Адам Опел ја уредува својата прва сопствена работилница во старата штала на својот вујко. Братот Георг, од Париз го снабдува Адам со челик, со вретена, игли, како и со цели машини за шиење што се наменети за препродажба. Покрај тоа што изработува машини за шиење, Opel успешно ги продава своите производи.
Машините за шиење на Опел важат за трајни и издржливи
Во следните години, бизнисот цвета и Opel ја проширува својата дејност. Во 1868 година, Адам веќе е во состојба да изгради нова фабрика, со производствена хала на два ката, со парна машина и со канцеларија и дом во кругот на фабриката. Компанијата тогаш веќе вработува 40 лица. Во таа година, Адам Опел се венча со својата сопруга Софи. Освен што го води домаќинството, таа е задолжена и за книговодството. Продукцијата расте неколкукратно, меѓу другото благодарение на тоа што Opel изработува и по нарачка на клиентите. Се изработуваат специјални машини за шиење, што имаат посебна намена. Во 1886 година, фабриката произведува 18.000 машини за шиење. Opel се вбројува меѓу најголемите производители на овие машини во Германија и извезува ширум Европа.
1887 година: Од производител на машини за шиење до производител на велосипеди
Индустријализацијата ѝ отвора нови можности за бизнис на фамилијата Опел во 1880-те години. На патувањето до Париз, Адам Опел во 1884 година ги запознава велосипедите со високо предно тркало. Велопсипедите во тоа време се подразбираат како главно превозно средство во Париз. Претприемачот не се двоуми долго и купува таков велопсипед. По неколку месеци во проучување на француските и англиските велосипеди, од фабриката во Риселсхајм во 1886 година излегува првиот велосипед. Со илустрираниот ценовник, во 1887 година официјално започнува уште едно важно поглавје во историјата на фирмата.
Првата сопствена работилница на Адам Опел, заедно со живеалиште и со канцеларија
Исто како со машините за шиење, Opel ги изведува своите велосипеди со современа техника и со промислен концепт. По велосипедите со високо предно тркало, со коишто започнува производството на велосипеди во Риселсхајм, во 1888 година следи модерен велосипед со нормална големина на тркалата. До 1890 година се продаваат 2.200 велосипеди. Петте синови на Адам и Софи постигнуваат 550 победи на трките и се најдобра реклама за велосипедите Opel. Во 1920 година, Opel станува најголем производител на велосипеди во светот. Производите од Риселсхајм ги продаваат 15.000 трговци ширум светот. По воведувањето на подвижната лента во 1923 година, на секои седум секунди излегува по еден велосипед од фабриката.
1899 година: Opel влегува во светот на автомобилите
По починувањето на Адам Опел во 1895 година, петте синови преземаат следниот решавачки чпекор во историјата на компанијата. Во 1899 година, почнува производството на автомобили. Opel се вбројува меѓу пионерите во браншата и со тоа располага со една од најбогатите традиции меѓу производителите на автомобили. На 21-ви јануари 1899 година, Opel ја купува фабриката за моторни возила на Фридрих Луцман од Десау, во германската сојузна покраина Анхалт. Во истата година, во Риселсхајм започнува производството на автомобили, со моделот Opel Patent-Motorwagen System Lutzmann. До 1906 година се произведуваат 1.000 возила.
Адам Опел и сопругата Софи
Вистинската пресвртница се случува една година потоа, кога Opel е назначен за снабдувач на кралскиот двор. Компанијата во исто време работи и на возила штоп се достапни за најширокиот пазар и во 1909 година го претставува „лекарскиот автомобил“, малечкиот 4/8 PS. Низ сите години, Opel останува верен на посветеноста, да изработи и да понуди напредна технологија, што ќе биде достапна за најширокиот пазар.
Тест · Opel Astra Ultimate 1.5 Diesel: Родена под среќна ѕвезда