Тоа што Volvo XC90 е меѓу моделите за коишто во овие вонредни времиња има најкус рок на испорака, конкретно околу три месеци, вклучувајќи го и македонскиот пазар, се покажува и во продажните резултати. Актуелната ситуација со чип-кризата, нередовната испорака од добавувачите и Украина, кај луксузниот СУВ се рефлектира со минус 7,6 проценти во продажбата. Генерално во шведската марка брилјираат хибридните и електричните модели.
Стабилни продажни резултати во нестабилни услови за работа. Така Volvo го опишува билансот од работењето во првото тромесечје од 2022 година. Нов предизвик за браншата и за светот е ситуацијата во Украина, а почнува и нов бран ковид во Азија. Производителите делуваат цврсто, барем Volvo се покажува отпорен на овие предизвици, исто како неговите модели, кога им ја проверува цврстината на кабината пуштајќи ги во слободен пад од 50 метри.
„Во првите неколку месеци од 2022 година, војната во Украина уништи животи и расели милони невини лица. Таа војна предизвика веќе растечката инфлација да достигне нови висини и дополнително го поремети синџирот од добавувачите, што и од претходно беше кршлив,“ изјави Џим Роуен, извршен директор на Volvo Cars. „Кога ќе ги сумираме постигнувањата на Volvo Cars во првиот квартал, посебно сум задоволен што постигнавме толку стабилни резултати.“
Прометот на Volvo во периодот од јануари до март порасна на 744,3 милиони шведски круни (околу 723 милиони евра), наспроти 68,6 милиони круни лани. Оперативната маржа од главните бизнис дејности на Volvo достигна 5,9 милиони, односно 7,9 проценти од прометот.

Volvo во првото тромесечје продаде вкупно 148.295 автомобили, во услови кога неизвесноста во снабдувањето со компоненти, главно чипови и кабли, почна постепено да попушта. Кон крајот на кварталот, компанијата сепак се соочи со недосгиг од одредени компоненти, што ќе остави траги и врз производството во вториот квартал. Менаџерите очекуваат дека ситуацијата ќе почне да се подобрува во втората половина од годината. За продажбата на возила годинава, се предвидува дури и мало зголемување во споредба со лани.
Продолжува да расте интересот на купувачите за моделите Recharge, односно за моделите со приклучен хибриден или батериски електричен погон. Во првите три месеци, 34 проценти од вкупната продажба отпаѓа на овие модели. Батериските електрични автомобили, моделите XC40 и C40, учествуваат со солидни осум проценти. Нивната продажба е зголемена двојно за половина година.
Volvo од летово ќе ја зголеми продукцијата на батериски електрични автомобили на 150.000 возила годишно
Услугата што ја нудат Швеѓаните, за месечна претплата за користење автомобил Volvo, бележи огромен раст. Во споредба со првото тромесечје лани, интересот за оваа услуга се зголемил за 174 проценти. За овој успех придонесува и неодамнешното стартување со онлајн-продажба во Обединетото Кралство и во Шведска. На традиционалните пазари, 13 проценти од вкупната продажба на возила на Volvo се реализирани преку онлајн-каналите.
Volvo Cars – Продажба по модели – Март 2022
| Модел | Март 2022 | % | 2022 | % |
| C40 | 1,636 | 100.0 % | 3,645 | 100.0 % |
| S60 II | 0 | – | – | – |
| S60 III | 4,148 | -16.9 % | 12,173 | -13.4 % |
| S90 | 3,654 | -14.2 % | 9,489 | -21.2 % |
| V40 | 1 | -66.7 % | 2 | -90.5 % |
| V40 CC | 0 | – | – | – |
| V60 CC II | 1,100 | -46.7 % | 2,611 | -45.1 % |
| V60 II | 2,776 | -52.5 % | 6,590 | -50.9 % |
| V90 | 970 | -42.6 % | 2,413 | -35.3 % |
| V90 CC | 802 | -43.8 % | 2,051 | -35.2 % |
| XC40 | 17,584 | -26.6 % | 42,481 | -26.2 % |
| XC60 II | 16,855 | -20.4 % | 44,874 | -14.9 % |
| XC90 II | 9,141 | -7.6 % | 21,966 | -9.5 % |
| Total | 58,667 | -22.1 % | 148,295 | -20.1 % |
















