за

Избор за најдобар вулканизер ќе минеше посреќно од „Златно тркало“

По малку е наивно да се верува дека автомобилите се единственото што останало да функционира нормално во оваа изместена средина. Божемните избори на автомобил на годината продолжуваат, на јавноста одамна ѝ преседнало.

Некогаш круна на автомобилската година, а денес панаѓур на медиокритетот. Во психологијата, тоа се нарекува пасивна агресивност. Пренесено во светот на медиумите, тоа би можело да се претстави како преплавување на сцената со субординарни, ако не и ступидни објави, што неминовно водат кон замирање на истата. Публиката ќе си замине. Во моментот кога повеќе никој не се интересира за таквата сцена, ти излези и грлато разгласи дека си најдобар на сцената. Така приближно може да се разберат овие изопачени појави во форма на Златно Тркало и божемни избори на автомобил на годината. За реалноста, ваквиот опис е преблаг.

Дали некогаш сте се прашале, како друштвената мрежа на Цукерберг заработува милијарди? Принципот е следниот. Имате објава којашто цените дека заслужува да допре до поширока публика, затоа што сте вложиле труд и знаење. Сосем доволна сатисфакција за сета таа посветеност ќе ви претставува само знаењето дека објавата допрела до народот. Вистинската сатисфакција е кога на тоа ќе добиете и крајно одобрувачки коментари. За да се постигне, објавата да допре до поширок круг корисници на мрежата од вообичаено, на професионалните профили се користи едно копче на коешто пишува „промовирај“. Така, за одредена сума, обично 30 или 40 долари, се допира до нова публика. Обично, тоа може да се повтори неколкупати, за да се привлече вниманието, и понатаму промовирањето не е потребно. Публиката станала свесна за вашите квалитети и почнува да ве следи. Во најдобриот случај, луѓето почнуваат да ги споделуваат вашите објави и преку своите контакти ви носат уште поширок круг корисници.

Така е во нормален случај. А, во ненормален случај: Некој препишува и преведува објава од именит вебсајт за автомобилизам, уште подобро вебсајт на некој англиски магазин стар еден век, за којшто е убеден дека само тој го знае. Објавата ја пушта на својот вебсајт со шаблон од 20 долари и ја споделува на сите друштвени мрежи што постојат. Бидејќи капацитетот му досега дотаму што е убеден дека само тој го посетува „тајниот“ вебсајт на медиумот стар повеќе од сто години, нормално дека и преведувањето ќе му го препушти на гугл. Така е многу побрзо, и мора да биде, затоа што несреќникот планира објавата да ја промовира за 10 долари на фејсбук. Во професионалната реалност, патем, во Аутомедиа користиме наменски онлајн-канали, преку коишто ги преземаме соопштенијата и прес-китовите директно од производителите на автомобили.

Во универзално применливиот дух на „цевките“ од Среќна Нова ’49-та, оваа објава исто така ќе биде промовирана

И нормално дека ќе се погоди таа објава да се појави токму во вестите во вашиот профил. Веројатно ќе кликнете и почнете да ја читате објавата, за веќе од третиот ред да заклучите дека тоа мора некое дете да си играло. По некое време, алгоритмите на фејсбук повторно ќе пуштат следна објава од тој „новинар“ да се појави во вашиот профил. Биднува и третпат, но тоа ќе биде и последно. Слично ќе биде и со објавите на некој друг новинар од таков ранг, коишто ќе почнат да ви пристигаат на профилот, само поради тоа што автомобилите ве интересираат повеќе од обично. Голема е веројатноста, штетата да е веќе направена. Понатаму не ве интересираат објави од кој било автомобилски медиум во Македонија. „Новинарот“ не направил друго, освен што буквално ве избркал од сцената.

Инспирација за името на „тркалото“ е светски признаениот „Златен волан“; Нескромноста не е доблест; Германскиот магазин Ауто Билд на најсреќниот читател што ќе гласа за изборот, по традиција доделува автомобил

На некој друг може да му го привлече вниманието видео, на коешто лик во заклучена рана интелектуална адолесценција скока оклештен околу скап автомобил, што по некое чудо му дале да го повози. Некои дури и ќе почнат да го следат тој профил, само заради евтина забава, поточно заради потсмев. Меѓутоа, оклештениот лик направил сцената да гледа со потсмев на сé што се поврзува со автомобилизмот. Штета повторно ѝ е нанесена на автомобилката сцена. „Доброто“ е што сепак сте продолжиле да ги следите автомобилите.

Постојат уште неколку видови на профили на новинари во обид со особен талент, меѓутоа и ова би било доволно. Но, проблемот допрва почнува. Кога овие принцови на медиокритетот ќе осознаат дека светот станал премал за нив, а тоа реално значи дека повеќе никој не ги следи нивните објави или не ги зема за здраво, погодете што прават тие: Се здружуваат! Тоа е составот и воедно мисијата на „медиумите“ што стојат зад „изборот“, патем „национален“, наречен „Златно тркало“. Многу наводници се потребни да се опише овој потфат на маргините на медиумскиот разум, нели.

Не е крадено само името, туку и изгледот на наградите

Тоа е потпросечност на четврти степен, од 0,2 станало 0,0016. Патем, шеснаесет во случајов е повеќе од два, ако некој нé прашува. Во основа, автомобилската медиумска сцена во последниве години заличе на македонска владина коалиција. Народот не ѝ дава доволна доверба на ниту една партија, но бидејќи тие што ќе се намерат за политика во државава, не ги бидува за друго освен да се грабаат за власт, тие ќе земат да се здружуваат за да се бројат повеќе. Што сé вклучуваат тие коалиции, подобро е да остане во незнаење. Меѓутоа, заедничкиот именител главно е потпросечност, недоволност. Штетност, назадување.

Најголемата несреќа за фејсбук група за автомобилизам во Македонија е кога квази-новинарите од изборите ќе почнат масовно да си ги споделуваат објавите

Тоа што ни ја урива државата, ја урива и автомобилската сцена, впрочем како и сé друго. Сé трпи од таа некомпатибилност меѓу способноста и барањата. Тоа е исто како возач со Б-категорија да го седнете да вози влекач со полуприколка. Една автомобилска сцена, треба да биде сериозна, да ги застапува интересите на обете страни, една здрава автомобилска сцена треба да биде солидна платформа, врз којашто ќе се предлагаат сериозни и долгорочни планови и политики за развој на автомобилизмот во Македонија. Што значи тоа: Промените доаѓаат од медиумите, тие ги пренесуваат барањата од јавноста, до власта. Како овие „моќни медиуми“ ќе ја посредуваат таа врска меѓу јавноста и власта, кога нивната работа се сведува на „копчето е мноту во лево“ или „ајде стварно да возиме побезбедно“. Експертизата им досега дотаму што се убедени дека „bhp“ значи британска коњска сила и дека хибридната погонска спрега работи само до 40 km/h.

Бројни коалиции се задржале цели мандати и покрај тоа што народот не ги сака. Така и оваа коалиција на потпросечност што се крие зад изборите на автомобил на годината, речи го „најпосакуван автомобил“, ќе се задржи и ќе продолжи да прави штета.

Секако дека сите медиуми не потпаѓаат на лесното постоење. За во Аутомедиа да ја одржиме високата читаност, што нé прави највлијателен автомобилски медиум во Македонија, со преку 40.000 читатели месечно, честопати реализираме и по десетина проекти во тој период. Штетата од постоењето на „изборните коалиции“ сепак нé погодува и нас, затоа што како чинители на автомобилската медиумска сцена, веројатно е дека дел од читателите, при наидување на наша објава, прво помислува дека станува збор за уште една „брзопрепишувачка“ вест.

Квази-медиумски чинители се китат со сјајот и гламурот што големите увозници на автомобили ги донесуваат на манифестациите на кредибилен избор на автомобил на годината

Тоа што многумина се прашуваат: Зошто моќните увозници и застапништва на големите автомобилски компании во Македонија сепак земаат учество во вакви сомнителни избори? Автомобилите заслужуваат титула, тоа е несомнено, сите модели од „тркалото“ веќе имаат освоено низа титули на светската сцена, признаени титули. Меѓутоа, зошто увозниците, како основни чинители на автомобилската сцена, дозволуваат несоодветни медиуми да ги претставуваат нивните марки и нивната работа, преку здружувања во форма на неговата светост, избор на автомобил на годината? На овие менаџери со шеснаесет школи, што со својата работа ја имаат обиколено Земјата веќе седумнаесет пати, веројатно низ сиве години им е создаден природен рефлекс да ги пуштаат марките што ги застапуваат во сите можни натпревари. Желба за натпревар, предизвик, веројатно за тоа станува збор. И тоа е сосем здраво и нормално.

Но, почитувани господа, дозволете да ја изнесеме нашата оцена, базирана врз професиналното медиумско искуство на Аутомедиа, што следи континуитет уште од 1994 година. Овие тркало-избори, повеќе му нанесуваат штета на имиџот на автомобилската сцена пред јавноста и погазуваат секаква шанса да се донесе издржана политика, што ќе го води автомобилскиот пазар во следниот период, кога промените ќе бидат порадикални отколку при воведувањето на подвижната лента. Дозволувањето, медиуми што ја изгубиле ориентацијата и смислата, да профитираат од вака поставените избори, претставува пречка за медиумите што се поставени и работат врз нормална и професионална основа. Трпи продажбата на автомобили денес, уште повеќе трпи продажбата на автомобили утре и во блиска иднина.

Подобро увозниците сами да си направат презентација на нов модел што сакаат посебно да допре до сцената, отколку да си ги валкаат вредните автомобили на тркало-избори

Следниот пат, публиката ќе реагира уште помлако, кога ќе се објавува исходот од сомнителното гласање. Факт е дека победниците на изборите на автомобил на годината се познати однапред. Светот денес сепак реагира помалку наивно и ги препознава нештата. Повеќе е вредно, господа увозници на автомобили, напорот и средствата што ги издвојувате за овие чудни тркало-избори, да ги посветите на модел што сами ќе го промовирате пред јавноста, на најдобар начин, како што умеете.

Тоа што принципалите не соопштуваат преку мрежите за дистрибуција на материјали за медиумите, кога нивен модел ќе победи на „тркалото“ или на „автомобил на годината“ во Македонија, претставува единствен и доволен знак дека нешто не „штима“ со овие чудни манифестации. За принципалите, значи самите производители на автомобили, да ги признаат македонските избори, обично доставуваат до увозниците во Македонија прво листа од дваесетина или можеби уште повеќе прашања, на коишто треба да се одговори соодветно. Потоа следи уште една серија прашања. Стандард во ЕУ.

Преку тие одговори, големите автомобилски компании разликуваат дали станува збор за сериозно поставен избор на автомобил на годината или за избор „деца си играле“. Досега постои веројатно само еден пример, и тој пред дваесетина години, кога победа на избор за автомобил на годината во Македонија, била соопштена директно преку мрежата за комуникација на производителот со медиумите. Значи, нешто мора да се менува. За изборите да станат сериозни. За земјата да добие политика којашто ќе нé води низ крупните промени во автомобилизмот, коишто патем веќе се почнати. Во светот.

Запнала Мара да избира автомобил на годината во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda го реновира музејот пред одбележувањето еден век постоење на марката

Секое трето Volvo продадено во првото тромесечје е со електричен погон