Fiat ќе биде народска Tesla, се најавува електрично Punto

Долготрајната моделска серија на Фиат, Панда, сосем е извесно дека ќе добие наследничка што ќе се нуди и во целосно електрична изведба. На сликата: Фиат Чентовенти Концепт

Соединувањето на Fiat Chrysler со Peugeot Citroen во заедничкиот концерн Stellantis ѝ овозможува на марката од Торино да ги врати моделите што некогаш беа мошне силни на пазарот. Fiat по 2027 година ќе продава само автомобили на струја. За тие модели ќе се користат четири нови платформи STLA. Нов модел со ново име на местото на Punto стартува веќе в година.

Fiat има јасна ориентација во поглед на електричниот погон: „It’s Only Green When It’s Green for All” или зелено е само кога за сите е зелено. Тоа значи дека марката од Торино си поставува за цел да нуди електрични автомобили што ќе бидат достапни за широкиот пазар.

Шефот на Fiat, Оливие Франсоа, во интервју за британските магазини порача: „Fiat треба да биде Tesla за народот: Електричен погон за сите. Јасно е дека цените за електрификацијата мора да се намалат. Тоа ќе го постигнеме до 2027 година, а веројатно и порано од тоа. Сé е поврзано со трошоците. Сакам да бидеме прва марка за широкиот пазар, што ќе вози исклучиво електрично“.

Италијанците планираат десет модели, од кои четири се доставни возила, пет модели се осмислени како светски автомобили и нова Strada, посебно наменета за јужноамериканскиот пазар. Меѓу петте светски автомобили се вбројуваат Fiat 500 во сите негови изведби, потоа три кросовери, а од следната година и модел во Б-сегментот.

Fiat Centoventi Concept

https://photos.app.goo.gl/rzVD9KLqa8stBXLN6

Последниов модел ќе биде со големина на Punto, но шефот Франсоа нагласува дека моделот повеќе нема да го носи тоа име. Бидејќи платформата STLA-Small ќе почне да се користи дури во 2026 година, наследникот на Punto ќе се базира врз платформата CMP (Common Modular Platform). Тоа е платформата што одлично функционира во Peugeot 208, Opel Corsa, Opel Mokka, DS 3 Crossback и Peugeot 2008.

Електричниот „пунто“ ќе ја користи eCMP платформата од Peugeot e-208 и Opel Corsa-e. Нивниот досег со батерија од 50 kWh изнесува до 340 километри, додека досегот на моделите врз платформата STLA Small ќе се зголеми значително, на околу 500 километри.

До 2027, Fiat секоја година ќе претставува по еден нов модел. Како што открива шефот Франсоа, стилот на петте светски автомобили е веќе финализиран, а два од нив ќе се раководат според изгледот на Centoventi Concept што беше прикажан во 2019 година.

Fiat Centoventi Concept

https://photos.app.goo.gl/WrPAQVx83Jydggwg9

Менаџментот не наведува конкретно кои ќе бидат петте нови модели. Оливие: „Имаме два иконски модели. Во светот на Fiat 500 постојат модели со различна големина: 500 и 500X. Таму има простор за уште еден модел, што ќе биде шик и урбан“. Покрај новиот модел што ќе се придружи во семејството „500“, секако дека ќе има големи новини и кај Panda. Новата генерација на Panda ќе биде модерна и технолошки свежа, без притоа да се напушти минималистичкиот пристап. Насоката во којашто ќе се движат овие модели беше прикажана со концептот Centoventi. „Ќе видите помали автомобили и поголеми кросовери, во коишто ќе го препознаете генот на Panda“. Шефот на Fiat открива и дека еден од тие модели ќе го задржи името Panda.

Fiat нема да излегува од компактниот сегмент и со своите модели ќе покрива дијапазон на модели долги меѓу 3,6 и 4,5 метри.

Fiat ги наградува штедливите возачи на 500 Electric во Британија во криптовалута

Сите модели на Fiat што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=fiat

Претходна објаваВака се прави вистински теренец од Rolls-Royce Cullinan
Следна објаваЕвропски пазар: Golf прв, Peugeot трипати во Топ 10, Yaris Cross 3-та најпродавана Toyota

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here