Tesla е најрентабилен производител на автомобили во светот

Маржите на производителите на автомобили во минатата година достигнаа рекордно ниво. Заработката што Tesla ја постигнува од остварениот промет е шампионска на ниво на цела бранша.

И покрај кризата со полупроводници и прекинатиот синџир на снабдување, 16-те најголеми автомобилски концерни во светот во 2021 година постигнаа повисока заработка од кога било претходно. Оперативната заработка во споредба со претходната година пораснала за 168 проценти, од 50 на 134 милијарди евра.

Најмногу заработиле Toyota (24,8 милијарди евра), Volkswagen (19,3 милијарди евра) и Mercedes-Benz (16,0 милијарди евра). Гледано според висината на маржата, односно на заработката од вкупно остварениот промет, прва е Tesla. Калифорнискиот производител на електрични автомобили постигна маржа од 12,1 проценти, што е за нијанса подобро од BMW и Mercedes-Benz, коишто имаат маржа од по 12,0 проценти.

Продажбата на автомобили се зголемила за 1,2 процент

Додека продажбата на патнички автомобили се зголемила за само 1,2 процент, вкупниот промет на компаниите пораснал за близу 12 проценти, но тој пак заостанува за 5% зад нивото пред кризата, во 2019 година.

Производителите на автомобили применија стратегија да ги вградуваат дефицитарните чипови првенствено во поскапите модели, односно во моделите од коишто имаат повисока заработка. Бидејќи пазарот бараше и сé уште бара возило повеќе, поради тоа што индустријата во услови на чип-криза не може да произведе толку возила, колку што бара пазарот, продавачите ги намалија, па дури целосно ги исклучија попустите на автомобилите. Најмногу заработија премиум марките.

Чип-кризата мајногу ги погоди германските производители на автомобили

Аналитичарите ценат дека недостигот од чипови најмногу ги погоди германските концерни, чијашто продажба се намали за 4 проценти. Јапонските компании, пак, ја зголемија продажбата за 5 проценти, додека корејските производители имаат плус од дури 7 проценти. Продажбата на американските концерни се намали за 1 процент.

Во поглед на заработката, германските производители со раст од 136% се во подобра состојба од јапонските конкуренти, коишто имаат плус 116 проценти. Најголем раст сепак имаат постигнато американските производители, чијашто заработка се зголемила за 339 проценти. Тоа сепак произлегува од мошне слабите резултати во претходната година.

Годинава не може да се очекува продажбата да се врати на претходното ниво, од една страна поради недостигот од полупроводници и останатите полупроизводи и суровини, а од друга страна поради војната во Украина, што претставува силен товар за браншата.

Последните кризи покажаа дека синџирите од добавувачите не се толку отпорни како што се претпоставуваше. Со децении се постапуваше во насока да се намалат трошоците на најмала можна мера. Сега индустријата мора да го смени начинот на организирање и да договара долгорочни и сигурни партнерства со добавувачите. 

Досегашната општа логика, за производите од добавувачите да се набавуваат од фабрики што можат да произведат најевтино, со испорака точно пред нивната монтажа во фабриките, повеќе не функционира. Аналитичарите предвидуваат тренд на враќање на домашното производство и делумно повлекување од географски далечните држави што постигнуваат најниски трошоци на производство.

Tesla постигна рекордна заработка од 5,5 милијарди долари

Претходна објаваMitsubishi Colt повторно во Европа од следната година
Следна објаваFiat ги наградува штедливите возачи на 500 Electric во Британија во криптовалута

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here