Тоа е четвртиот модел со 100% електричен погон што доживува домашна премиера во салоните на марките на Порше Македонија. По Volkswagen ID.3 и ID.4, по Porsche Taycan, следи Audi e-tron. Дизајнот на СУВ-моделот на струја потсеќа на ликовите во бело од Стар Ворс, но и со технологиите што ги содржи, овој автомобил не е далеку од жанрот на научна фантастика.
Во времето кога светот првпат ги гледаше епизодите од Стар Ворс, во автомобилите во секојдневието беше главна механиката. Мотор V8 на пиедестал, брегасто вратило во глава како огромен технички напредок наспроти OHV, турбонатполнење како привилегија на два или најмногу три модели на целиот пазар. Дури и во футуристичките студии што беа изложувани на тогаш можне важните салони на автомобили, уште не спомнуваа ниту процент од техниката што работи во автомобил од ковот на Audi e-tron Sportback.
Сцените од Стар Ворс почнуваат да се будат во меморијата веднаш кога човек ќе се соочи со Audi e-tron Sportback, наместен директно за пречек од врата, во македонскиот салон на марката со четирите прстени, со порака „Иднината е електрична“. Стормтрупер, на тоа личи овој петметарски СУВ, посебно со бела боја на каросеријата.
Погонот на e-tron Sportback е електричен, тоа е точно, но далеку дека погонот на струја е сé што овој автомобил поседува како посебност. Приспособливата воздушна суспензија, на пример. Тоа е техника што одамна е дел од автомобилската сцена и своевремено беше својствена за претседателскиот Mercedes 600, и секако, во Citroen DS, со хидропневматска суспензија. Од тоа ниво, до денешново, тоа е планетарна разлика.
Ако е Audi, нека биде СУВ, и нека биде купе: Сите традиции на марката со четирите прстени, заедно со традицијата на иновирање, во новиот Audi e-tron Sportback
https://photos.app.goo.gl/Z8emAAhAyrZQkhtcA
Купувачите на Audi e-tron Sportback можат да ја изберат воздушната суспензија при конфигурирањето на возилото – без доплата. Тоа е избор, чисто по желба на купувачот. Овој фантастично сложен систем, во основата овозможува безстепено дотерување на придушувањето посебно за секое тркало, вклучувајќи и посебно дотерување на висината на каросеријата. Врвен комфор во комбинација со врвни возни својства. Каросеријата се спушта самостојно при повисоки брзини (-26 mm над 140 km/h), а возачот може и сам да избере ниво и режим на работа, вклучувајќи подигнување на каросериајта за 50 mm или спуштање за 13 mm. Уште една посебност: Предната оска исто така користи пет водилки. Салонскиов примерок дополнително поседува спортска изведба на воздушната суспензија, којашто е дел од пакетот на спортската варијанта S Line.
Трик на дизајнерите: Кога ќе се здогледа натписот e-tron, првиот впечаток е дека тој е осветлен. Многу подоцна се открива дека тоа е боја, не е светло; Одличен ефект!
https://photos.app.goo.gl/KAnLEukkiNxzMGHz7
Функциите што произлегуваат од работата на предната камера исто така потсеќаат на „стандардна“ техника на вселенски брод. Овие системи што денес ги нарекуваме системи за асистенција, познавачите на Стар Ворс ќе ги споредат со техниката кај вселенските бродови што е суштинска за избегнување судир со астероиди. Масивна техника ја има оваа задача во Audi e-tron, вклучувајќи ги и неколкуте опции со коишто е надграден арсеналот од системи за асисценција во салонскиов електро-СУВ.
Дел од системите за асистенција во Audi e-tron Sportback 55 што се вградени дополнително во салонскиот примерок:
- Адаптивен темпомат · 130.076 денари
- Паркинг сензори со камера во 360 степени · 49.848 денари
- PCM City assistance paket (Audi pre sense rear, Audi side assist, предупредување за препречување пат при отворање врата, front and rear cross assist, matrix led светла) · 217.062 денари
Покрај тоа што Audi активира самостојно запирање при опасност од судир во возило (функционира до 250 km/h) или во пешак или велосипедист (до 85 km/h), вештачката интелигенција гледа дали на крстосница наидува возило од попречен правец или отспротива, и во случај возачот да не го забележи тоа или процени лошо, прво се слуша предупредување, а потоа следи и целосно запирање. Оваа функција се базира на радарските сензори што се вградени во носот на e-tron.
Маска само заради формата, не и заради функцијата. Повеќе е затворена од отворена, по вертикалните пречки се препознава e-tron
https://photos.app.goo.gl/ik1CK1JXvNDxQCHN9
Системите предупредуваат и при отворање врата на возилото, ако со тоа се попречи патот на возило што наидува или на велосипедист. Дополнително се вклучува и светлечката лента во вратата, за да се укаже на загрозувањето на безбедноста.
Меѓу опциите се издвојува и т.н. адаптивен асистент за возење, кој како ставка што е вградена во салонскиот e-tron чини 130.076 денари и во основата не е далеку од автопилот. Овој буквално заменик на возачот подзапира кога напред има побавно возило и одржува растојание, забрзува до наместената брзина кога ќе се ослободи патот, но и го држи возилото во сообраќајната лента. Системот ги препознава лентите на патот, возилата што се запрени покрај патот, го следи движењето на повеќе возила, не само на тоа што е директно напред. Сето тоа функционира во брзинско подрачје од 0 до 250 km/h. Во случај возачот да не реагира, системот од камери, радари, сензори го насочува возилото во помошната лента, го запира и во одреден случај активира повик до итна служба.
Во ова заоблување се препознава формата што дизајнерите на Audi ја почитуваат во опашот уште од Audi 90 Coupe
https://photos.app.goo.gl/xESoGFD9rWmNEEmM7
Четирите камери околу целото возило се веќе класична приказна во автомобили од овој ранг, меѓутоа кај Audi e-tron пак има нешто екстра. Возачот може да побара да се прикаже слика од тркалата, за да не го тренира сопствениот осет за тоа колку далеку се скапите бандажи од рабникот, туку точно да има увид во просторот. Панорамскиот приказ на ситуацијата околу возилото во агол од близу 180 степени, кога се излегува наназад, исто е функција што ја имаат понапредните системи.
Изобилството од технологии што ги поседува овој ексклузивен примерок со знакот на Audi се заокружуваат со матричните диодни светла, како опција вредна 217.062 денари – во пакет заедно со уште половина дузина системи за асистенција. Тоа е воедно и најскапата доплата во салонскиот e-tron. Функцијата на овие светла е на возачот да му овозможи максимално осветлено поле, без да се заслепуваат возачите на останатите возила – практично, исто како да се вози постојано со долго светло, со тоа што светлата не се соборуваат кога наидува возило отспротива, туку се исклучуваат само оние светлечки диоди што го насочуваат светлото кон тоа возило. Филмовите со анимирано вклучување на светлата.
Чоколадната страна на дизајнот на Sportback-изведбата на Audi e-tron
https://photos.app.goo.gl/LYNQyrfAXosZ3ALo7
Audi вложуваше многу во развојот на технологијата на светла, па затоа има уште еден степен над матричните диодни светла, а тоа се дигитални матрични диодни светла. Нивната екстра функција е проектирање анимации врз асфалтот, вклучувајќи и посебно осветлување на соообраќајната лента, па дури и користење податоци од навигацијата, за светлата да се подготват според патот уште пред возилото да дојде до местото. За таа опција, според германскиот ценовник, треба да се издвојат уште 4.500 евра.
…и уште еднаш
https://photos.app.goo.gl/3sWP7392fbNUbpp7A
Тоа се само неколу ставки, со коишто Audi e-tron Sportback покажува дека електричните автомобили не се гледаат „само“ како електрични, туку заедно со смената во погонската технологија, во возилата се случија уште многу радикални промени. Во поглед на технологијата, овој СУВ не е далеку од тоа што филмовите од научната фантастика ни го прикажуваа пред близу половина век. Во многу подрачја, овој Sportback е дури и понапред од фантазијата во првите епизоди на Стар Ворс.
За погонот, сé e мошне прегледно кај електричните автомобили. Audi e-tron Sportback е купе-изведба на e-tron, кој беше меѓу првите електрични модели од висока класа од „традиционалните“ марки. Примерокот во салонот на Порше Македонија е од средината на понудата во гамата на e-tron Sportback. Ознаката 55 quattro стои за моќност од 300 kW, што е над основниот 50 quattro со 230 kW, но и под спортскиот e-tron S Sportback со 370 kW.
Цена на изложениот примерок: 123.717 евра
- од тоа дополнителна опрема: 26.819 евра
Технички податоци · Audi e-tron Sportback 55 quattro 300 kW
https://photos.app.goo.gl/4Ucm8QYAUiZyFj96A
| Погон / Пренос на сила / батерија | |
| Вид на погон | Погон на сите тркала |
| Број на електромотори предна / задна оска | 1 / 1 |
| Вид на менувач | 1-степен |
| Електрична краткотрајна моќност во kW | 265 |
| Електрична краткотракна моќност со Boost во kW | 300 |
| Електрична трајна моќност во kW | 100 |
| Електричен вртеќен момент со Boost во Nm | 664 |
| Вид на батерија / Број на ќелии | Литиум јон / 432 |
| Батерија, бруто / нето капацитет во kWh | 95 / 86 |
| max. моќ на полнење AC / DC во kW | 11,0 / 150 |
| max. моќ на полнење AC / DC опција во kW | 22,0 / – |
| Времетраење на полнење DC 5-80% во min | 285 |
| Времетраење на полнење AC 0-100%, 3ph 16A@230V во min | 555 |
| Времетраење на полнење AC 0-100%, 3ph 16A@230V опција во min | 30 |
| Напон на мрежа 1 во Volt | 12 |
Подвозје / Управување / Сопирачки |
|
| Вид и изведба на водење на предни тркала | 5 водилки |
| Вид и изведба на водење на задни тркала | 5 водилки |
| Гуми (Basis) | 255/55 R 19 |
| Тркала (Basis) | 8,5 J x 19″ |
| Управување | Електромеханичко прогресивно управување со серво поддршка зависна од брзина |
| Преносен однос во управување | 15,9 |
| Круг на вртење во m | 12,2 |
| Систем за сопирање | ESC/ABS/EBV, хидрауличен асистент за сопирање |
| напред | Алуминиумски сопирачки клешти |
| назад | Со интегрирана електрична паркирна сопирачка |
| Сопирачки дискови пречник напред / назад во mm | – / 350 |
Перформанси / Досег / Звук |
|
| Највисока брзина во km/h | 200 (ограничена) |
| Забрзување 0-100 km/h во s | 6,6 |
| Забрзување со Boost 0-100 km/h во s | 5,7 |
| Досег, просек според WLTP во km | 372 – 453 |
| Надворешна бучава во место / во минување во dB (A) | – / 68 |
Потрошувачка / Емисија |
|
| Потрошувачка на струја просек според NEFZ во kWh/100 km | 24,0 – 21,6 |
| Потрошувачка на струја просек според WLTP во kWh/100 km | 25,9 – 21,5 |
| Емисија CO2 во g/km | 0 |
Тежини / Носивост |
|
| Празно возило без возач / со возач / дозволена тежина во kg | 2520 / 2595 / 3170 |
| Дозволено оптоварување на предна / задна оска во kg | 1540 / 1775 |
| Дозволена тежина на приколка при нагорнина од 8% / 12% со / без сопирачки во kg | 1800 / 1800 / 750 |
| Дозволена тежина врз покрив / врз кука во kg | 75 / 80 |
Димензии / Каросерија |
|
| Вид на каросерија / Број врати / Број седишта | Самоносечка, комбинација челик и алуминиум / 5 / 5 |
| Отпор на воздух cW / челна површина A во m2 | 0,25 / 2,65 |
| Должина / Ширина / Висина во mm | 4901 / 1935 / 1616 |
| Ширина со ретровизори во mm | 2189 |
| Меѓуоскино растојание во mm | 2928 |
| Ширина на трага напред / назад во mm | 1683 / 1683 |
| Агол на превис напред / назад во степени | 15 / 20 |
| Висина на товарен раб во mm | 801 |
| Зафатнина на багажник во l | 615 |
| Најголема зафатнина на багажник, со спуштена задна клупа во l | 1665 |
















