Opel Mokka со спортското ниво на опрема GS Line е основа за специјалната серија Individual, што ќе се понуди во ограничен број примероци. Каросеријата е во комбинација од бела и црна боја, диодни матрични светла се стандард, заедно со целосно дигитален кокпит, навигација, самостојно паркирање и уште многу опрема. Главниот печат сепак е ставен на стилот.
Моделот на Opel што носи име според начинот на подготовка на кафе, што многумина го признаваат како најдобар, во моментов е параден коњ на германската марка. За својата Mokka, марката вели дека таа е „сé освен вообичаена“. Mokka го донесе во марката препознатливиот „визор“, што потсеќа на визор на возачки шлем. Моделот е необичен и поради целосно дигиталниот кокпит, што обично е достапно во многу повисоките класи.
Електричната изведба Mokka-e ја освои престижната награда „Златен Волан“ – што секако нема ништо заедничко со слично именуван локален избор за „најдобар вуилканизер“. Од стартот пред една година, Mokka се докажа како бестселер и за марката и во однос на конкуренцијата.
Дизајнерите на Opel, во специјалната серија Individual додадоа уште мала доза екстра стил, за Mokka да ја направат уште поспортска, постилска и поиндивидуална
https://photos.app.goo.gl/eZhtmcxMdbUuQhhB7
Каросеријата е лакирана во бела боја, со црна хауба, црн покрив и црни кровни столбови. Долж хаубата и покривот минува двојна бела лента, како современо толкување на двојната лента што често се гледаше кај спортските модели во 1970-те години. Посебен печат ставаат црвените додатоци во тркалата, во тон со карактеристичната црвена лајсна што го следи горниот раб на страничните стакла.
https://photos.app.goo.gl/xtN4bwVkVdm1FLxg8
Специјалниот модел Opel Mokka Individual предизвикува одушевување и внатре. Кокпитот е целосно дигитален, под заеднички панел се поставени инструментите од 12 инчи и средишниот дисплеј од 10 инчи. Диодните матрични светла Intelli-Lux LED Matrix Licht се посебни по тоа што возачот практично цело време вози со долги светла, со гаснење само на еден дел од светилките при разминување со возило отспротива, за да се спречи заслепување.
https://photos.app.goo.gl/zvdBCmYYjJWMJmXq9
https://photos.app.goo.gl/XzDPNY5kvq6GVNBm6
Заедно со монтираните тркала со зимски гуми се добиваат и тркала од 18 инчи, со дизајн со пет краци, со летни гуми. Моторот е 1.2 DI со 130 КС и 230 Nm, во комбинација со 8-степен автоматик. Тоа е истата моделска изведба со којашто го изведовме големиот споредбен тест на потрошувачка во минатото лето.
















