Европските производители на автомобили се под силен предизвик додека нагло расте светскиот пазар на возила со целосно електричен погон. Лани во светот се продале 4,5 милиони чисто електрични автомобили, што е двојно повеќе отколку преклани. Според една студија, уделот на германските производители во светскиот пазар се намалил од 17 на 14 проценти.
Производителите на автомобили во Азија подобро ја минаа кризата со полупроводници, отколку европските производители. Тоа го соопштија од познатата компанија за консалтинг PwC, повикувајќи се на извршената студија. Продажбата на електрични автомобили во минатата година укажува недвојбено: Осум од десет најпродавани батериски електрични автомобили во Кина и во САД потекнуваат од азиски или американски производител. Во Топ 10 во Кина нема ниту еден електричен автомобил од Европа. Само еден од секои три батериски електрични автомобил што се продадени во Кина, Европа или во САД, носи знак на европска марка.
Во истражувањето на PwC понатаму се наведува дека претстојните месеци се клучни во поглед на новите сегменти на автомобилскиот пазар: „На важните пазари, како Кина, сега е важно за европските производители да се повикаат на успехот на моторите со внатрешно согорување и да го задржат пазарниот удел, а по можност и да го зголемат истиот.“ Предизвикот е во тоа да се произведе доволен број автомобили. „Кога подоцна ќе мора да се враќаат загубените пазарни удели, тоа е мошне скапа и тешка задача“, порачува студијата на PwC.
Пазарот за електрични автомобили ќе продолжи да расте и без субвенциите
Во светот постепено се намалуваат субвенциите за електричните автомобили. Кина најави дека во текот на годинава ќе ги смали субвенциите за 30 проценти, Велика Британија веќе ги скуси повластиците, додека во САД уште отсуствува мнозинството да даде глас за планираното даночно повластување за електрични возила.
Експертите во PwC не очекуваат дека тоа ќе води кон намалување на продажбата: „Пазарот на батериски електрични возила расте сé посилно со сопствена сила“. За тоа придонесуваат зголемувањето на понудата од модели со погон на струја, смалувањето на цените и подобрувањето на перформансите, благодарение на техничкиот напредок. Мошне е важно и отпочнувањето со производство на батериски ќелии во Европа.
Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

















