Гана забранува увоз на автомобилскиот крш од Европа

Автомобилските фабрики ширум светот за една година произведуваат близу 100 милиони нови возила, од коишто 70 милиони се патнички автомобили. Просечната старост на автомобилите во европските земји се движи околу 10 години. Но, автомобилите не може да се возат вечно. Што навистина се случува со автомобилите кога нивната поправка станува прескапа и неисплатлива?

Според извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите Нации, меѓу 2015 и 2018 година, државата во којашто биле регистрирани првпат, ја напуштиле повеќе од 14 милиони користени автомобили. Седумдесет проценти од оваа маса стари возила завршила во земјите со ниска и средна заработка, главно во Африка. Проблем е тоа што не постои општ стандард, што одредува минимален квалитет и минимум барања што треба да ги задоволат користените автомобили, за тие да се извезуваат или да се увезуваат во одредена држава. Еуро нормата секако дека не може да послужи како единствено мерило што го одредува квалитетот на старите автомобили.

Илјадници стари автомобили ја напуштаат Западна Европа. Огромен дел се товари на бродови и го напушта континентот, главно во правец на Африка. Само во Гана годишно се увезуваат 100.000 стари автомобили. Според Царината, во земјата во последниве години се увезени повеќе од еден милион автомобили што Европа повеќе не ги сака.

Претседателот Нана Акуфо-Адо во 2020 година воведе нов закон за царина, којшто има за цел да се забрани увозот на стари автомобили. Законот се однесува на возила што се оштетени во судир, пожар или поплава. Но, во законот се вклучени и автомобили што се постари од десет години.

Катализаторите уживаат висока популарност

Сопствениците на сервисните работилници и опозицијата во Парламентот беа против законот, што стапи на сила во октомври 2020 година. Увезените автомобили се вредна стока за жителите на Гана. Тие се добри за превоз, но и како извор на суровини. Посебно се барани катализаторите од старите автомобили. Механичарите ги отстрануваат катализаторите и ги расклопуваат, за да дојдат до скапоцените благородни материјали, како платина, паладиум и родиум. Само вредноста на родиумот се зголеми неколкукратно во последните години. Еден грам пред шест години чинеше 20 евра, додека актуелниот курс се движи околу 500 евра за грам.

Автомобилите се небезбедни за сообраќај

Една од главните причини, поради којашто е воведена построга контрола на увозот на стари автомобили, секако дека е безбедноста. Главнината од автомобилите се небезбедни за сообраќај и предизвикуваат зголемен број незгоди. Проблемот посебно доаѓа до израз во Малави, Бурунди, Нигерија и Зимбабве. Според едно холандско истражување, повеќето од автомобилите не би смеело да учествуваат во сообраќај. Во студијата беше утврдено дека возилата се стари во просек меѓу 16 и 20 години. Се подразбира дека издувните системи не исполнувале ниту норма Еуро 4. Според стандардите во Западна Европа, тие автомобили веќе одамна ќе завршеа во отпад.

Германија е светски шампион во извоз на стари автомобили

Повеќе од половината од старите автомобили за извоз потекнуваат од ЕУ, а половината од нив пак, доаѓа само од Германија. Тоа значи дека земјата учестрвува со 25% во вкупниот извоз на стари автомобили во светот. Од тие причини, ЕУ се залага за донесување построги норми за отпад и псотроги одредби за извоз. Додека новите возила подлежат на најстроги норми, за старите автомобили одвај дека постои проблем да се увезат во други држави.

Европските пратеници веќе започнаа со реформите на одредбата на ЕУ за стари возила. Автомобилите што се одјавуваат од сообраќај обично завршуваат во илегален извоз. По одјавувањето, старите или оштетени автомобили се ценат како отпад и за нив важат законите за отпад. Со тие закони се предвидува рециклирање и селектирање на материјалита, а тоа се дополнителни трошоци. Затоа, маса автомобили за отпад, лажно се водат како користени автомобили и заминуваат за извоз. Најоштетените и најмалку вредни автомобили заминуваат за Африка. Но, во последните десетина години, старите автомобили, главно од Германија, масовно се увезуваат ширум Балканот. Македонија, секако, не е поштедена од овој вносен бизнис, кога со автомобили со вредност нула од ЕУ, се тргува понатаму и со тоа неретко се заработуваат стотици илјади евра.

>>> Загаденоста убиствена, мерките козметички

Претходна објаваРабота не се завршува со добра фотелја, туку со добар камион
Следна објаваДва модели на Toyota во Топ 10 на најчисти автомобили според ADAC

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here