за

Работа не се завршува со добра фотелја, туку со добар камион

Тие имаат препознатлива појава, секогаш се во движење и ги гледаме постојано околу нас. Малите камиони од DFSK одамна надминаа илјада продажби на македонскиот пазар.

Кога големо СУВ-возило доаѓа од Кина и чини најмалку половина под цената на споредлив модел од „домашна“ продукција, купувачите се двоумат, дали тоа е добар избор. Но, кога станува збор за работна машина, од којашто се бара да биде издржлива, сигурна во работата, едноставна за поправка, и најважно, со достапна цена, тогаш возилата од кинеско производство стануваат прв избор. Малечките и вредни камиони што сите ги забележуваме дека врват околу, производ се на DFSK. Им го посветуваме заслуженото внимание на овие вредни работници. Цените ќе изненадат многумина.

Тоа што рели-болидите и GT-тркачите го прават на тркачките патеки за имиџот на автомобилските марки, товарните возила во сите можни форми го направија генерално за кинеската автомобилска индустрија на извозните пазари. Неоспорно е дека возилата што потекнуваат од кинеска продукција се издржливи и механиката им е солидно изработена. Може да се случи некоја „играчка“ од пет долари, нарачана преку Алиекспрес да откаже по неколку денови, меѓутоа кај возилата е сосем поинаква ситуацијата.

За прифатеноста на товарните возила од Кина меѓу македонските компании, без разлика дали се работи за мал бизнис или за фирма со многуброен возен парк, говори тоа што истите веќе одамна се редовен дел од уличната слика. Секако дека беше пријатно изненадување, кога од македонската компанија АБЦ Бротхер ни потврдија дека досега се испорачани над 1.000 товарни возила од марката DFSK.

Тоа што во салонот на DFSK денес ги гледаме Glory 580, Seres 3 или Glory F5 се должи токму врз добро сработеното од товарните возила од C-серијата

Четирите букви во последните години повеќе ги поврзуваме со сосем друг вид возила. DFSK е заеднична компанија на Dongfeng и Sokon, два кинески гиганти во производството на возила. Соработката меѓу двете компании понатаму се разгранува на други марки и во други сегменти, меѓутоа генерално, од DFSK ги познаваме СУВ-седумседот Glory 580, Glory F5, исто како и електричниот Seres 3. Напролет очекуваме да стартува со продажба и неговата изведба со класичен бензински мотор, како Glory 500.

>>> Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Тоа се импресивни возила, особено електричниот Seres 3, со когошто летоска ја извозевме историската рута по целото течение на Треска, од извориштето во кичевски Извор, преку резерварот Јасен, до Скопје. Кога ќе се погледне ова претставително трио од Glory 580, Glory F5 и Seres 3, не е потребна посебна вештина да се заклучи едно: Токму камионите на DFSK, што одработеа многу во сиве години досега, придонесоа за тоа кинескиот концерн денес да има возила како Glory и Seres.

Бензинскиот мотор во DFSK C31-C37 е сосем пристојна моторизација и за патничка лимузина; Тивок и еластичен мотор секако дека придонесува за возачите помалку да чувствуваат замор при долгото возење

Но, каква техника работи во овие камиони што носат необврзувачки ознаки, како C31 или C37? Првото што прашуваат купувачите во овој пазарен сегмент, обично е носивоста. Oзнаката DFSK C31 се однесува на камионот со отворена носечка платформа и со единечна кабина. Носивоста изнесува 1.245 килограми. Тоа е мошне солидна вредност. Верзијата C32 важи за камион со отворена носечка платформа, но со двојна кабина. Со 1,5-литарски бензинец со 115 КС, носивоста на оваа верзија изнесува 1.185 килограми. Вкупната должина на C31 е 4,72 метри, од коишто 2,9 метри отпаѓаат чисто на товарната платформа. Со ширина од 1,54 метар и висина на страниците од 37 сантиметри, произлегува зафатнина од 4,5 метри кубни. Со круг на вртење од 11,2 метри, маневрирањето е исто како со автомобил од компакт класа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бензинецот со ознака DK15-06 прикажува примерна техничка зрелост, со две брегасти вратила во глава со варијабилна фаза и секвенцијално впрскување на горивото во повеќе точки. Станува збор за долгооден мотор (75,0×84,5 mm), што во принцип ветува доволна еластичност, односно подготвеност да повлече солидно и при пониски вртежи.

Одржувањето практично чини исто колку за семеен автомобил

Моторот користи 3,8 литри масло со спецификација SJ, така што редовното одржување нема да претставува голем трошок. Истото важи и за системот за ладење, со капацитет од седум литри. Предните сопирачки дискови имаат пречник од 260 mm, назад работат барабан сопирачки со внатрешен пречник од 254 mm. Управувањето е со запчеста летва, со електрична сервоподдршка.

Предната оска користи мекферсон независно водење на тркалата, назад е класика, листеста пружина со 6 листови. Гумите се 185R14. Најмалото растојание од подлога изнесува 185 mm при празно и 175 mm при натоварено возило. Според фабрика, потрошувачката при постојана брзина од 60 km/h изнесува 7,5 литри, односно 6,9 литри при брзина од 80 km/h.

Цената е сензационална, нов патнички автомобил не може да се купи за помалку од 10.000 евра

Големата вест е цената. Камионот со единечна кабина C31 чини 9.600 евра, без ДДВ. Изведбата со двојна кабина чини 1.000 евра повеќе. Третата каросериска изведба е фургонот C35, со цена од 10.800 евра, без ДДВ. Задна двокрилна врата и две странични лизгачки врати се стандард кај фургонот. Доплатаta за кипер-платформа кај C31 изнесува 5.000 евра. Уште една варијанта со кои АБЦ Бротхер излегува во пресрет на најширок дипајазон на бизниси е опцијата за карго-бокс кај C31, чијашто цена изнесува 1.200 евра (димензии 2,5 х 1,56 х 1,6 m). Клима уред и електрика на прозорците се ставки што се нарачуваат посебно, со цена од 500, односно 150 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Минибус со места за 9 патници е четвртата изведба во гамата на C-серијата товарни возила на DFSK. Со клима уред и електрика на прозорци, цената на оваа изведба што се води како C37 изнесува 13.559 евра, без ДДВ. Бројот на варијанти се зголемува неколкукратно, кога ќе се земат предвид и најразличните надградби што ги нуди АБЦ Бротхер, од возило за продажба на храна и пијалоци, до возило за кампување.

Со средишно вграден мотор и погон назад, DFSK C-Series е на половина пат до „тркачки автомобил“. Во поглед на тоа колку можат да бидат корисни овие товарни возила, во време кога пазарот бара возило повеќе, поради огромниот раст во онлајн-трговијата, C31 & Co навистина се одлични тркачи, тркачи за бизнисот.

Линк до страницата за товарни возила DFSK на ABC Brother

http://abcbrother.mk/Komercijalni-Osnovni

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Екс-менаџер на Skoda ќе развива нови модели за Renault

Гана забранува увоз на автомобилскиот крш од Европа