Здружението на автомобилски новинари во Јапонија го награди кросоверот на Mitsubishi, нагласувајќи ги сигурните возни својства и можноста за електричнo возење, по сите патишта низ секојдневието.
Mitsubishi петти пат освојува награда за „Технологија на годината“ во Јапонија. Носител на наградата е Mitsubishi Eclipse Cross во изведбата со приклучен хибриден погон. Таа се однесува и на самиот хибриден погон и на погонот на сите тркала „Super All Wheel Control“. Здружението на автомобилски новинари на Јапонија секоја година ја доделува наградата за технологија во рамките на националниот избор на „Car of the Year“.
Eclipse Cross е втор модел на Mitsubishi со приклучен хибриден погон. Јапонската марка уште рано го понуди овој погон во Outlander, кој во меѓувреме е усовршуван неколкупати. Погонот се состои од 2,4-литарски бензинец, што заедно со мал електромотор произведува системска моќност од 188 КС. Во комбинација со батерија од 13,8 kWh, погонот му овозможува на кросоверот со стил на купе да мине до 61 километар чисто на струја.
Погонот на сите тркала се остварува со бензинецот што испорачува погон за предната оска и со електромоторот што се грижи за погон на задните тркала. Super All Wheel Control обезбедува врвна тракција на секаков вид подлога и во сите услови на на патот.
Според јапонските експерти, двете наградени технологии во Eclipse Cross овозможуваат смирена работа, рамномерно и моќно забрзување што е својствено за приклучниот хибриден погон, агилни возни својства и висока стабилност. Новата погонска изведба на кросоверот на Mitsubishi од пролетоска се нуди и на избрани пазари во Европа, главно големи пазари што се издвојуваат во електромобилноста.

Нема да биде изненадување моделот да се појави и во салонот на Мак Аутостар, чијшто Mitsubishi-тим, предводен од Владица Кокаловиќ, лани освои награда за постигнатото најголемо пазарно учество на марката Mitsubishi во европски рамки.
Претходните носители на титулата за најдобра технологија на годината:
- INVECS-автоматски менувач (Intelligent & Innovative Vehicle Electronic Control System) во Galant (1993)
- INVECS-II-автоматски менувач со спортски модус во FTO (1995)
- Бензински мотори со директно впрскување (GDI) во Galant и во Galant Legnum (1997)
- Прв приклучен хибриден систем во Outlander Plug-in Hybrid (1997)
>>> Тест: Mitsubishi Space Star 1.0 Entry

















