Шведскиот производител на батериски ќелии Northvolt и португалската компанија за енергетика Galp Energia договорија заедничко вложување во изградба на најголемата фабрика за преработка на литиум во Европа.
Двете компании договорија заедничко вложување 50:50 што ќе се води под името Aurora и во чијшто рамки во иднина ќе се произведуваат 35.000 тони годишно од материјалот за изработка на литиум-јон батерии. Таа количина на литиум хидроксид ќе биде доволна за производство на батерии со капацитет од вкупно 50 GWh, односно за околу 700.000 електрични автомобили. Фабриката се планира да отпочне со работа во 2026 година.
Во џиновскиот проект ќе се вложат вкупно 700 милиони евра. Погоните ќе вработуваат 1.500 лица. Точното место за фабриката уште не е утврдено, засега се спомнува пристанишниот град Синеш, но во игра се уште голем број други локации.
Northvolt ќе користи половина од идната годишна продукција, додека останатата половина ќе им се продава на другите производители на батерии. На денешната конференција за медиуми во Лисабон беше соопштено дека литиумот ќе се преработува на современ и ефикасен начин. Се планира користење зелена енергија при производството.
Шведскиот Northvolt е основан во 2016 година од страна на поранешни директори во Tesla и оттогаш има склучено големи договори со Volvo Cars, Volkswagen, BMW и други компании.