Volvo отвори станица со ултрабрзи полначи во срцето на Милано

Најновата станица за „гориво“ во центарот на Милано не носи име на позната нафтена компанија, туку го носи името Portanuova Volvo Recharge. Станицата располага со полначи што за само неколку минути ја полнат батеријата на електричните автомобили.

Италијанскиот огранок на Volvo, во соработка со агенцијата за недвижнини Coima ја отвори првата станица со ултрабрзи полначи во центарот на Милано. Во исто време започна и примената на Electricity, прва премиум услуга за електромобилност што е достапна во Италија.

Соработката од една страна се темели врз планот на Volvo за омасовување на електромобилноста, додека од друга страна се совпаѓа со стратегијата на агенцијата за недвижности Coima, којашто предвидува целосна електрификација на возниот парк во Порта Нуова, еден од главните бизнис центри во Италија.

Volvo Cars по 2030 година ќе произведува единствено електрични автомобили, за потоа да следи постигнување целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2 во сите свои подрачја на делување, вклучувајќи го производството. Порта Нуова од 2017 година е дом на првото Volvo Studio, замислено како простор за напредни идеи во срцето на градот.

Станицата на Volvo во Порта Нуова е опремена со полнач Delta UFC200 со два приклучоци за еднонасочна струја. Батеријата на возилото може да се полни со најголема моќност од 150 киловати. Напојувањето со струја на станицата е од хидроцентралите на Dolomiti Energia (од коишто се покриваат 95% од потребата од енергија на Порта Нуова).

https://photos.app.goo.gl/vHRXMgco76uikyNK9

Сопственик на полначот е Coima, а оператор со истиот е Duferco Energia. По завршувањето на промотивниот период, полнењето ќе се наплаќа 0,35 евра за киловатчас. Тоа генерално значи дека полнење батерија од 50 kWh, со којашто може да се извозат 300-400 километри, би чинело 17,5 евра. Цената на користењето за сопствениците на возила од други марки ќе се одредува според пазарните услови.

Volvo во март започна со поставување станици со ултрабрзи полначи по целата територија на Италија, во соработка со дилерите на Volvo во земјата.

Electricity е услуга што ќе им биде достапна на жителите и на компаниите во кругот на Порта Нуова. Volvo става на располагање возен парк од 15 примероци XC40 Recharge. Секое возило може да се изнајмува во времетраење меѓу 1 час до 3 денови. Услугата е замислена да се користи за редовна набавна на намирници за домот, за децата да се одвезат до училиште или градинка, за каква било потреба. Примената на услугата ќе започне во следниот април.

>>> Тест: Volvo XC40 T5 Recharge

 

Претходна објаваПочна изградбата на фабриката на Rimac во близина на Загреб
Следна објаваАко е Toyota GR, единствено е: Купето GR 86 подготвено за старт

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here