Кој еднаш седнал зад воланот на електричен автомобил, знае дека возењето одвај се разликува од обичен автомобил. Сличностите се толку големи, што многумина ќе се изненадат откако ќе откријат дека и во електричните автомобили се вградува акумулатор, каков што сите го знаеме. Прашањето е: Дали електричниот автомобил исто така не може да стартува, ако акумулаторот е празен?
Колку и да има обожуватели и колку и да има противници, електричниот автомобил сепак е автомобил. Разликата е во тоа што „резервоарот“ тука е поголем неколкупати, и секако, во тоа што место комплициран и на големо обожуван мотор со внатрешно согорување, составен од околу илјада делови, работи прилично поедноставен електромотор.
Во овие есенски денови на топло-ладно, акумулаторите обично знаат да приредат непријатно изненадување наутро, затоа што возачките и возачите не помислуваат дека еден ден ќе стане сериозно студено, и стариот и малтретиран акумулатор нема да биде доволно силен за моторот да стартува.
Тоа не мора да биде проблем. Едноставно ќе се повикаат сервисерите од автоклубот или ќе се израдува пријател, со молба да дојде со автомобилот, а по можност по пат да најде и помошни кабли за стартување. Откако моторот ќе покаже знаци на живот, возењето до првата продавница со акумулатори го решава проблемот најмалку за следните пет години.
Акумулатор со истата намена се вградува и во електричните и хибридните автомобили. Дали е исто толку едноставно кога нивниот акумулатор ќе откаже служба?
Разликата е во тоа што електричните автомобили, место една мрежа од 12 волти, имаат две мрежи, една од 12 волти и една со напон со кого што нема играње. Мрежата од 12 волти ја има истата функција како во бензинците и дизелите. Тоа значи дека истата ги снабдува со струја светлата, електриката за прозорците, грејачите во седиштата, бројните компјутери во возилото, а исто така и стартерот.

Акумулаторот кај електричните автомобили дополнително ги напојува и компјутерите што се грижат за автомобилот „да запали“, но пушта струја и до компјутерите што се грижат за полнењето на батеријата на електричниот автомобил.
Половината од одговорот е: Да, електричните автомобили можат да останат со празен акумулатор. Другата половина од одговорот: Да, електричните автомобили во тој случај не можат да се придвижат. Значи, класика.
Без акумулатор, електронската контролна единица и CAN-бусот што поврзува сé и сешто остануваат неактивни и возилото ќе си остане каде што се наоѓа. Тоа е лоша вест. Има и добра вест, а тоа е: Да, испразнетиот акумулатор на електричниот автомобил исто така може да се премости со помош на полн акумулатор од друго возило, без разлика какво е тоа.
Процедурата на стартување со кабли е иста како кај секој автомобил. Но, мора да се внимава, за една грешка што може да биде кобна по техниката – за луѓето исто така! – да не се направи:
При стартувањето со акумулатор од друго возило, електричниот автомобил НЕ СМЕЕ да биде приклучен на полнење.
Ова важи и за приклучните хибриди. Единствено ќе биде пропуштено уживањето кога повторно ќе се слушне работењето на моторот.
>>> Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово
















