Автомобилскиот бизнис е скап бизнис. За американскиот стартап Rivian беа потребни милијарда долари само за компанијата да заживее. Во првите шест месеци од 2021 година биле потрошени уште една милијарда долари. Заработката ќе доаѓа од изнајмување на функции во визилото, како автопилотирано возење или онлајн-услуги.
Новиот тренд во автомобилската бранша е изнајмување услуги. Тоа значи дека сите уреди што се потребни за одредени функции на возилото, веќе се вградени во истото, затоа што на фабриката ѝ е поевтино да ги вгради во сите, отколку да ги вградува во секое десетто возило. Единствено има разлика во тоа што за тие уреди да проработат, потребно е да се плати претплата и производителот да го ослободи или отклучи користењето на соодветната услуга.
Во американскиот стартап Rivian се надеваат на голема заработка што ќе доаѓа токму од претплатите на овие функции. Поточно, се надеваат дека на тој начин ќе ја покријат огромната загуба што во моментов ја бележи младата компанија.
Во возилата на Rivian ќе се вградува автопилот од ниво 3, но за неговото функционирање ќе треба или да се платат 10.000 долари при купувањето на автомобилот или да се плаќа месечна претплата за користење на технологијата. Се цени дека во период од десет години, продадените возила ќе му носат на Rivian во просек по 15.500 долари од претплата за целиот период на експлоатација од десет години. Десет илјади долари се очекуваат само од автопилотот, останатите 5.500 долари треба да доаѓаат од вклучувањето најразлични онлајн-услуги. Засега уште постои неизвесност дали купувачите на возилата на Rivian ќе бидат толку расположени да плаќаат претплата.
General Motors исто така планира да воведе претплати за функциите во своите возила. Во Tesla, Volvo, Porsche и други компании што се повеќе прогресивни во насока на дигитализацијaта, претплати од ваков и сличен тип постојат веќе подолго време.
















