за

Škoda има втор модел за Индија, лимузина Slavia

Чесите се главни во концернот VW за растечкиот индиски пазар, по компактниот СУВ Kushaq, следи лимузина со историското име Slavia.

Вториот сериски модел што Škoda го разви за индискиот пазар во рамките на проектот India 2.0 ќе го носи името Slavia. Малечката лимузина е именувана по велосипедите што основачите на Škoda, Лорин и Клемент, ги произведуваа пред да започне автомобилското поглавје.

Исто како што велосипедите Slavia означија почеток на нова ера, така и автомобилот со моделско име Slavia ќе означи почеток на нова ера, но овојпат на индискиот пазар. Лимузината со техника од Polo & Co ќе биде претставена официјално на големиот полуостров уште во текот на годинава, за потоа Slavia да им се придружи на лимузините Superb и Octavia што уживаат високо реноме во Индија.

Чешката марка ќе ги привлекува купувачите на Slavia со висок квалитет на изработка, со издржливост и со уживање во возењето. Новата лимузина што му се придружува на СУВ-моделот Kushaq има задача значително да ја зголеми продажбата на Škoda на индискиот полуостров.

Исто како Kushaq, новиот модел е развиен посебно според барањата на тамошните возачи и според условите на индиските патишта. Во рамките на проектот India 2.0, што е во целосна одговорност на Škoda, следат уште два модели од сегментот A0, односно модели со големина на Fabia и Polo. Платформата што ја користат индиските модели е MQB-A0-IN, што значи дека станува збор за приспособена варијанта на платформата од европските модели на Volkswagen. Во локалното производство на автомобилите на Škoda во Индија се постигнува степен на локализација од 95%, односно толку делови од возилата се произведени во земјата.

Од почетокот на продажбата на Škoda Kushaq во јули, пристигнати се повеќе од 10.000 нарачки

Концернот Volkswagen вложи вкупно една милијарда евра за развојот на четирите модели за Индија, од кои два модели се под марката Škoda, а два под матичната марка Volkswagen. Од почетокот на продажбата во јули, досега се пристигнати повеќе од 10.000 нарачки, што е одличен резултат, особено во услови на пандемија. Продукцијата понатаму ќе се зголеми неколкукратно. Индија е важен пазар во плановите на Škoda за освојување нови пазари ширум светот и за натамошна експанзија.

Чешката марка моментно е застапена на индискиот пазар во повеќе од 100 градови, со 165 продажни и сервисни места. До крајот на следната година, нивниот број треба да се зголеми на 225 места.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

По развојот на BMW iX следи BWM M GmbH: Ван Мел се враќа како шеф на брзата марка

Rivian ќе заработува од претплати за екстра функциите во возилата