BMW во фабриката во Динголфинг тестира нова постапка на лакирање, којашто овозможува најпрецизно лакирање во повеќе бои, без потреба претходно да се поставуваат шаблони и да се лепат ленти по каросеријата.
Со иновативната техника на нанесување на лакот се постигнува и поголема заштита на животната средина, затоа што се намалуваат отпадот и потрошувачката на енергија. Технологијата првпат ќе се користи кај 19 примероци од BMW M4 Coupe, што ќе излезат од фабриката во Динголфинг со каросерија во две бои и со ознака M4 на хаубата и на задниот поклопец.
Постапката е развиена во соработка со познатиот производител на лакирници и машини за лакирање Dürr. Се користи EcoPaintJet Pro за подготовка на лаковите на база на вода и на 2K-проѕирниот лак. При вообичаениот начин, лакот се распрскува со ротирачко ѕвоно, што се врти со 35.000 до 50.000 вртежи во минута и се лепи електростатски за каросеријата. Во новата постапка не се применува електростатика, а лакот се нанесува преку млаз.
Со новата техника, BMW може да излакира кој било дел во различна боја од останатите
Лакот се прска со помош на плоча со дизни и може со најпрецизен раб да се прска ширина на лакираната површина меѓу 1 и 50 милиметри. За тоа се потребни врвна прецизност на роботската и лакирната техника. На овој начин може да се изведуваат двобојни лакирања, на пр. покрив во контрастна боја, исто како и изведување линии и мустри, на пример врз хаубата.
Сличните лакирања досега беа изводливи само со рачно лепење, односно маскирање. Со новата техника нема потреба од дополнителен материјал, исто како и од човечки ангажман. Тоа значи и дека самото лакирање е поевтино.
Уникатите од BMW M4 Coupe во почетокот ќе се користат во возниот парк на компанијата. Серискиот старт се планира во текот на 2022 година.
















