Volvo Cars, најголемиот акционер во компанијата за престижни електрични возила Polestar, ги поздрави нејзините планови да стартува на берзата во Њујорк.
Берзанскиот старт на Polestar ќе биде изведен преку бизнис комбинација со Gores Guggenheim, компанија за наменски преземања. Вредноста на трансакцијата се проценува на околу 20 милијарди американски долари за заедничката компанија.
Средствата од бизнис комбинацијата ќе бидат наменети за поддршка на масивното проширување на понудата од возила на Polestar, како и за проширување на продажната мрежа на специјалистот за електричен погон. Како што наведува Volvo, светскиот пазар на премиум возила со електричен погон се наоѓа во голема експанзија.
Хакан Самуелсон, извршен директор на Volvo Cars и еден од топ-менаџерите што ги воведува најголемите промени во браншата, изјави по овој повод: „Volvo Cars е горд и подржувачки акционер во Polestar, којашто ја основавме и помагавме во нејзиниот развој од лансирањето како компанија за електрични возила во 2017 година“. Шведскиот менаџер, кој е воедно и претседател на Polestar, додаде: „Проценетата вредност на Polestar го рефлектира возбудливиот потенцијал за раст кај електричните возила, каде што сме сведоци на силно зголемување на побарувачката.“
Од средствата обезбедени од бизнис комбинацијата, Volvo Cars ќе вложи дополнителни 600 милиони долари во Polestar. По завршувањето на трансакциите, шведскиот производител се очекува да располага со 50 проценти од комбинираната компанија.
















