Голема најава за технички свежиот, компактен и достапен Mercedes 170, како важна премиера на авто-салонот во Париз во октомври 1931 година. Овој модел всушност е од голема важност за целата бранша.
Mercedes-Benz 170 од типот W 15 е прв големосериски патнички автомобил во светот со независно водење на тркалата и со осцилирачка задна оска. Далечниот предок на Mercedes C-Class користеше линиски шестцилиндарец M 15 со зафатнина од 1.682 сантиметри кубни и моќност од 32 КС.
Новиот модел уште од старт се покажа како вистински погодок. Во првата полна производствена година, во 1932, марката со ѕвездата продаде 4.438 примероци од Mercedes-Benz 170. Тоа беа три четвртини од вкупната продукција на марката, од 5.996 возила во таа година. До 1934 година, „170“ беше најпродаван Mercedes-Benz. Моделот се произведуваше до 1936 година, во десет различни каросериски изведби и шасии. Заменикот 170 V (тип W 136) со четирицилиндарец во линија имаше „наследство“ од 13.775 произведени примероци од неговиот претходник.
Долгиот пат до Mercedes-Benz 170
Премиерата следеше по пет години од спојувањето на Daimler-Motoren-Gesellschaft (DMG, друштво за мотори Daimler) со Benz & Cie, од коишто произлезе тогашниот Daimler-Benz AG. Меѓу првите цели на новото друштво беше развој на компактен автомобил со висок технички квалитет и пристапна цена. На пазарот постоеше голем интерес за таков модел.
https://photos.app.goo.gl/JkYs4qomAcb6rvEr8
Во 1926 година, Mercedes-Benz започнува со развој на генерацијата W 01, којашто е покомпактна од Mercedes-Benz 8/38 PS и за неа се развива 1,4-литарец со шест цилиндри. Во 1928 година следеше W 14, со 1,3-литарски четирицилиндарец (M 14). Меѓутоа, раководството ги одби двата модели поради обичната конструкција на подвозјето.
Првите „контури“ на новиот компактен модел на Mercedes се појавуваат во јуни 1929 година. Инженерите почнуваат да се занимаваат со менувач со долг пренос и со осцилирачка оска. Во мај 1930 година доаѓа потврда од раководството, за „автомобилот со осцилирачка оска“ да се доведе до сериско производство. На крајот на јуни 1930 година, Вилхелм Кисел, директор на Daimler-Benz AG од 1926 до 1942, посочува на значењето на идниот Mercedes-Benz 170: „Бидејќи прашањето на предниот погон и на осцилирачката оска веќе со години ја движи целата автоиндустрија, повеќе не може да се дозволи да бидат одминати овие две важни работи“.
https://photos.app.goo.gl/sqpNYgUb3Lsamdvv5
Тоа е знак за серискиот старт на новиот модел со 2.600 mm меѓуоскино растојание, дозволена тежина до 1.455 килограми и брзина до 90 km/h што е за голема почит во тоа време.
Одлични оцени од стручниот свет
Mercedes-Benz 170 добива одлични оцени за комфорната амортизација, возните својства (независно водење) и возната безбедност (хидраулични сопирачки и ниско тежиште). W 15 чини 4.400 рајхсмарки, што и не е толку поволно, но пазарот и покрај тоа реагира одушевено. Шефот Кисел триумфира: „Ние сме единствена фирма што имаме зголемена продажба во споредба со 1931 година, благодарение на 1.700-те примероци од нашиот 1,7-литарски тип.“
Магазинот „Motor und Sport“ претходник на денешниот „auto motor und sport“ во изданието број 9 од 1932 година пишува: При оценувањето на возните својства е тешко да не се запаѓа во суперлативи. Посебно се издвојува амортизацијата каква што досега не била постигната. Потреси одвај се чувствуваат. Возните својства се одлични, а благодарение на ниското тежиште, брзото возење не е проследено со ризици.“
https://photos.app.goo.gl/gJARwKm9gMyPvuKm9
https://youtu.be/pwEijFWkX3Q
>>> Новиот Mercedes C-Class најдетално: Електромотор во сите погонски изведби

















