Opel има амбициозни планови и за проширувањето на своето присуство во светски рамки. Марката со молњата ќе почне да се продава и на најголемиот пазар во светот, во Кина. Убава вест е најавата дека легендарното моделско име Manta ќе се врати во понудата на Opel, како електричен автомобил.
Голема најава од шефот Михаел Лошелер за време на дигиталниот ден на концернот Stellantis, посветен на електрификацијата: „Opel на клучниот пазар Европа од 2028 година ќе нуди исклучиво електрични возила.“ Шефот додаде дека иднината на автомобилската индустрија е електрична и Opel е дел од тоа движење. „Opel е на одличен пат да се трансформира и да прерасне во млада, зелена и глобална марка“. Според Лошелер, германската марка од ‘cold’ станува ‘cool‘.
На стратешки важниот ден за концернот падна и конечната одлука за Opel да се врати на кинескиот пазар. Повеќе детали околу тој чин ќе се објават подоцна. „Ветивме дека Opel ќе стане глобална марка и го исполнуваме тоа ветување. Кина е најголемиот автомобилски пазар во светот и убедени сме дека таму ќе постигнеме профитабилен раст. Кинеските клиенти ќе можат да им се радуваат на нашите продукти и на нашата емотивна германска марка“, изјави извршниот директор Михаел Лошелер.
Уште една важна најава е враќањето на легендарното моделско име Manta. Менаџментот лесно се реши на таков чекор откако доби позитивна реакција по претставувањето на Opel Manta GSe ElektroMOD. „Manta е вистинска икона во историјата на нашата марка и инспирација за иднината. До средината на деценијата ќе започнеме со сериско производство на нова Manta. Секако дека таа ќе вози на струја“, најави шефот на Opel.
Opel се наоѓа среде голема електрична офанзива. Уште во текот на оваа година, марката ќе понуди девет модели со електрифицирана погонска спрега. До 2024 гдоина, сите модели ќе бидат достапни и во изведба со електрифициран погон.
















