Tesla договори испорака на батерии од кинески CATL до 2025 година

Зајакнува соработката меѓу Tesla и CATL, еден од водечките производители на батерии за електрични автомобили во светот. Испораката на батерии од кинеската компанија ќе започне во јануари 2022 година и ќе трае до средината на деценијава.

Новиот договор е продолжение на претходниот договор од февруари 2020 година, со којшто беше спогодена испорака на литиум-јон батерии од CATL во периодот од јули лани до јуни 2022 година. Од кинеската компанија наведуваат дека „потпишувањето на договорот претставува уште едно признание за квалитетот на производот и на производствениот капацитет“.

Со овој чин се потврдува и стратешката цел на Tesla за натамошно зајакнување на присуството во Кина. Во меѓувреме постојано се зголемува продукцијата во гигафабриката на Tesla во Шангај. Наскоро таму ќе стартува производство на многу подостапен електричен модел од компакт класата, за којшто се очекува цена од околу 25.000 долари. Еден од клучните предуслови за тоа да се постигне се достапни, но пак висококвалитетни батерии. Можно е договорот со CATL да ги опфаќа токму батериите за идниот модел.

Според аналитичарите, досегашниот напредок на CATL се должеше главно на големата побарувачка за електрични автомобили во Кина. Во меѓувреме, голем раст бележат и пазарите на електрични автомобили во Европа, Јапонија и САД, така што идното напредување на CATL ќе зависи единствено од тоа колку компанијата ќе го зголеми своето учество на пазарот надвор од Кина.

Претходна објаваЕвропа дава предност на железничкиот пред авионскиот транспорт
Следна објаваНовата Opel Astra јури кон серискиот старт

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here