Во извештајот на Меѓународната агенција за енергетика што го објави американскиот канал CNBC, се очекува „бројот на електрични автомобили, автобуси, доставни возила и тешки камиони на патиштата да достигне 145 милиони возила до 2030 година“.
Според Агенцијата, можно е бројот на електрични возила до 2030 година да биде уште повисок отколку што укажуваат сегашните предвидувања. Во извештајот на светската агенција за енергетика, се наведува дека „доколку властите вложат поголеми напори со цел да се исполнат светските цели за енергетиката и за климата, вкупниот возен парк од електрични возила во светот може да се зголеми уште повеќе и до крајот на деценијата да достигне 230 милиони возила.“
Организацијата со седиште во Париз понатаму утврдува дека лани биле регистрирани околу три милиони нови електрични возила, што претставува рекорд и за 41% е повеќе во споредба со 2019 година. Моментно по патиштата ширум светот возат повеќе од 10 милиони електрични возила.
„Тие не можат сами да ја завршат работата, но електричните возила имаат неоспорна улога за светот да достигне неутрален биланс во поглед на емисијата на штетни материи“, порачуваат од Агенцијата. Актуелната продажна динамика охрабрува, меѓутоа за светот да ги достигне своите цели во поглед на климата и енергетиката, потребно е натамошно забрзување на продажбата на електричните возила.
Светските енергетичари порачуваат властите да „вложуваат во производство на батерии и во развој на широка и стабилна мрежа од полначи.“
Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)
















