Системот што запира самостојно при скршнување во десно, во подрачјето во коешто возачот нема прегледност, се вградува стандардно во тековните изведби на камионите Mercedes Actros и Arocs, во комбинација со систем за асистенција при скршнување.
Во камионите на Mercedes-Benz отсекогаш се посветувало големо внимание на безбедноста. Милиони евра се вложуваат во развој и истражување на системи што му ја олеснуваат работата на возачот, но и системи што ја зголемуваат безбедноста на сите учесници. Такви примери се Active Sideguard Assist со автоматско запирање и Active Drive Assist 2 со автоматско задржување, кои беа претставени во минатата есен. Овие системи сега може да се нарачаат за голем број модели, а производството ќе стартува во јуни.
Возачите на големи камиони наидуваат на сериозен проблем кога треба на тесни улици во градски сообраќај да скршнат десно. Прегледноста во тоа подрачје е еднаква на нула. Пешаците и велосипедистите честопати не се свесни дека возачот нема прегледност над тоа подрачје.
Во такви ситуации помага системот за помош при скршнување S1R, што од 2016 година се вградува сериски во голем број модели во сериите Actros, Arocs или Econic. Системот го предупредува возачот кога во подрачјето што тој не го гледа има пешак или велосипедист. Новината е во тоа што од јуни, овој систем ќе се замени со нов S1X, со важна дополнителна функција.
Mercedes од јуни исто така почнува со вградување на системот Active Sideguard Assist (ASGA), кој не само што го предупредува возачот, туку може и да го запре камионот при брзини до 20 km/h, доколку возачот не внимава. Mercedes е прв производител што нуди ваков систем со активно сопирање, кој е од клучна важност за избегнување незгоди од таков вид.
Уште една новина е Active Drive Assist (ADA), систем што во 2018 година овозможи новиот Actros да биде прв сериски камион со автономно возење од ниво 2. Системот му помага на возачот да ја леди лентата, а може и самостојно да одржува растојание, да забрзува и да управува, доколу патот го дозволува тоа.
Во јуни стартува нова генерација ADA 2, којашто може камионот да го запре на помошната лента, во случај ако возачот не реагира на предупредувањата, на пример поради здравствен проблем.
















