Тајната формула на Suzuki е во моќното присуство на индискиот пазар

Насловите на вестите од автомобилската бранша во време на корона-кризата ретко пренесуваат оптимизам. Една марка упорно пропушта да биде спомната во тие наслови: Suzuki. Јапонскиот специјалист за градски автомобили и за погон на сите тркала, по ново партнер со Toyota, моментно јавува за двомилионитото возило што е извезено од неговиот огранок во Индија, Maruti Suzuki.

Индија е „новата Кина“. Концернот Volkswagen уште пред долги години го „измерка“ Suzuki, со намера да воспостави широка соработка со јапонскиот производител на автомобили, мотоцикли и вонбродски мотори. Главната идеја на Германците беше да го искористат моќното присуство на Suzuki на индискиот пазар. Свежо пензионираниот Осаму Сузуки, сега на свои 91 година, одби да стапи во тоа партнерство, затоа што не сакаше да биде третиран како „помлад партнер“.

Volkswagen моментно ја ангажира Skoda и на чешката марка ѝ дава стратешка улога да се пробива на индискиот пазар. За неколку денови треба да се појави и првиот модел на Skoda, што е развиен за Индија и ќе се произведува во Индија. Целта е Skoda да го подготвува теренот за останатите марки од концернот. Индискиот пазар расте и во следните години ќе продолжи да расте уште помасивно.

Suzuki, од друга страна, во Индија е како на домашен пазар веќе со децении. За да го одбрани своето моќно пазарно присуство на индискиот потконтинент, Suzuki веќе неколку години е во партнерство со Toyota. Двата моќни играчи си го чуваат грбот. Но, колку навистина е моќен Suzuki во Индија?

Bagga Link – Leading Dealer of Maruti Suzuki Arena Delhi

Maruti Suzuki India Limited неодамна одбележа испорака на двомилионитото возило за извоз. Автомобилите на Suzuki се главен носител на иницијативата на индиските власти да се даде тежина на производството во земјата, насловена „Make-in-India“. Во рамките на таа иницијатива, контингент од модели на Maruti Suzuki, сочинет од S-Presso, Swift и Vitara Brezza, беше натоварен на брод и испратен за Јужна Африка.

Јапонците стартуваа да извезуваат од својата фабрика во Индија уште во 1986 година. Една година подоцна, 500 возила пристигнаа во Унгарија. Тоа е времето кога на просторите на бивша-ЈУ беше хит Maruti Suzuki 800. Пазарот го обожуваше малечкиот, подвижен, штедлив, фантастично достапен, но и издржлив автомобил. Дури и легендарниот јужнокорејски Daewoo Tico, кој пристигна неколку години подоцна, исто беше базиран врз Maruti Suzuki 800.

Во 2021 година, Suzuki веќе го одбележа првиот милион извезени возила од Индија. Половината од тој извоз беше остварен на големите пазари во Европа.

Само осум години подоцна, Maruti Suzuki го минува и двомилионскиот репер. Нагласокот сега е ставен на освојување на пазарите во развој. Автомобилите од Индија напредуваа многу во Чиле, Индонезија, Шри Ланка и Јужна Африка.

Од индиските фабрики на Suzuki моментно се извезуваат 14 модели, во нивни 150 варијанти, на повеќе од 100 пазари ширум светот. Во поглед на квалитетот, безбедноста, дизајнот и технологијата, овие возила исполнуваат највисоки стандарди.

Arena Showroom New Delhi

Во јануари, компанијата стартуваше со производство и извоз на хит-моделот на Suzuki, на малечкиот и способен теренец Jimny. Со Индија како втора производствена база за Jimny, Suzuki очекува фабриките во земјата годинава да ја надминат ланската продукција на Maruti Suzuki од 1.563.000 возила.

Колку е одомаќен Suzuki во Индија сведочи неодамнешната вест за 4-илјадитиот продажно-сервисен центар на Maruti Suzuki во земјата. Вкупно 1.989 градови во Индија располагаат со центар на Suzuki. Тоа е повеќе од која било друга марка што е присутна во земјата. Само лани беа отворени нови 208 локации за марката.

Моделите на Suzuki на македонскиот пазар пристигаат од јапонските фабрики (Swift, Ignis), додека Vitara и S-Cross се од фабриката во Унгарија. Поради високиот удел на делови што се испорачуваат од Јапонија, двата модели што се монтираат во Ештергом, исто така се водат како модели од јапонска продукција

Неколку иновативни услуги што ги нуди Maruti Suzuki Service:

Service on Wheels:

Подвижна работилница што им нуди можност на клиентите, нивното возило да биде сервисирано буквално пред домашниот праг. Сервисните возила располагаат со модерни алати и уреди за сервисирање и поправка за модели на Maruti Suzuki. Возниот парк моментно опфаќа над 200 возила, кои сообраќаат во 124 градови во големата држава.

Транспарентност преку дигитална комуникација:

Целата комуникација околу очекувањата за претстојното сервисирање, во поглед на цената, времетраењето и сл., на клиентите им се соопштуваат дигитално. Доколку се покаже потреба од непланирана поправка или замена, претходно се бара согласност од клиентот. Тоа значително го забрзува и поедноставува сервисирањето.

Quick Response Team (QRT):

Со цел побрзо да им се укаже помош на клиентите, Suzuki прв во земјата организираше Quick Response Team (QRT). Сервисери на мотоцикли помагаат во 249 градови. Возниот парк моментно опфаќа близу 800 сервисни возила, вклучувајќи и автомобили. Лани, сервисерите им укажале помош на повеќе од 100.000 клиенти.

Претходна објаваНедостигот од чипови може да прерасне во долготрајна криза
Следна објаваТест-пилотката на Continental ќе вози во тркачката серија Extreme-E

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here