Читателите на германскиот магазин „Auto Zeitung“ гласаа најмногу за BMW M во категоријата на перформанс-марки. Изборот се состои од вкупно 11 категории, вклучувајќи сервисни мрежи, добавувачи, гуми, масла, до осигурителни компании и производители на автомобили.
Повеќе од 14.000 читатели на магазинот Auto Zeitung гласаа во изборот за најдобри марки за 2021 година. Според гласовите на читателите, најдобра категоријата на перформанс-марки е „M“, којашто на сцената честопати се нарекува „најсилна буква во светот“.
Исходот од изборот се совпаѓа и со актуелната ситуација на пазарот. BMW M GmbH е најпродавана марка автомобили со високи и супервисоки перформанси. Лани и покрај пандемијата беа продадени 144.218 автомобили од марката. Тоа е за 6,0 проценти повеќе од преклани.
Годинава претстојат важни новини во понудата на BMW M. Прво во следниот месец стартува продажбата на лимузината BMW M3 и на новото купе BMW M4. Македонскиот увозник М Кар веќе ги има и цените: 99.200 евра за лимузината, 101.190 евра за купето, но и 105.400 евра за екстремната изведба M3 Competition и 106.820 евра за M4 Competition, со 510 КС место 480 КС во стандардната верзија. Верно на духот на баварската марка, култните моделски имиња во понудата на BMW стандардно се испорачуваат со мануелен менувач. Опција е 8-степен M Steptronic со Drivelogic. Првпат ќе може да се комбинира и погон на сите тркала M xDrive. Во текот на годината ќе следи и пазарниот старт на кабриолетот M4.

Неодамна имаше премиера и суперексклузивниот BMW M5 CS, кој е практично тркачки автомобил на граница да се добие регистерска таблица. Со 635 КС, тој е најсилниот M-модел во историјата. Цената на првиот CS со четири седишта е 180.400 евра во Германија.
Електричниот и супертехнолошки BMW iX наскоро ќе биде понуден и на македонскиот пазар
За неколку месеци ќе се случи уште една историска премиера во M GmbH. Баварците првпат ќе понудат модел со високи перформанси што ќе користи исклучиво електричен погон. Тоа ќе биде M-верзија на електричната купе-лимузина i4, чијашто премиера веќе ја очекуваме. Од М Кар во меѓувреме имаме информација дека годинава во нивниот салон ќе пристигне и ексклузивниот BMW iX, електричен и преполн со напредна технологија, кој како концепт беше најавен уште при одбележувањето на стогодишнината на компанијата, тогаш во форма на студиски автомобил со име iNext.
>>> Големата новина од Минхен е првиот BMW iX

















