Volvo планира електричен модел во класа под неодамна стартуваниот XC40 Recharge. Шведскиот производител ја потврди информацијата на индустрискиот гласник Automotive News Europe.
Новиот модел во градската класа возила ќе одигра клучна улога во планот на шведскиот производител, за половина од продажбата на Volvo во 2025 година да се постиггнува со чисто електрични автомобили. Volvo најави дека во претстојниот период ќе претставува по еден електричен модел секоја година. За годинава, планот е остварен со неодамнешното отпочнување со сериско производство на електричната верзија на компактниот СУВ-модел XC40 со додаток Recharge во името.
Малечкиот електричен автомобил се очекува да стартува со продажба во 2021 година. Како техничка основа ќе се користи неодамна претставената платформа SEA (Sustainable Experience Architecture). Истата платформа ќе послужи и за модел на Lynk & Co, заедничката компанија на Volvo и Geely. Платформата е развиена заеднички од инженерите на шведската и на кинеската компанија. Останатите марки во концернот, меѓу кои Polestar, Lotus и LEVC (London Taxi), исто така ќе добијат модели врз оваа платформа. Планот е таа да им се понуди и на останатите производители.
Повеќе детали не се наведуваат околу планираниот нов модел. Единствено е познато дека тоа ќе биде кросовер. Шефот Хакан Самуелсон го опишува моделот како СУВ, но притоа наведува дека ќе се разликува од денешните модели во сегментот.
>>> Volvo стартува со електричниот XC40, испораки веќе од месецов

















