По една година откако го најави планот да ја сведе емисијата на СО2 од своето работење на нула до 2040 година, Amazon го претстави електричниот фургон што е посебно развиен во соработка со стартап-компанијата Rivian и ќе се произведува таму.
Amazon почнува со реализација на планот за заштита на климата, во делот што се однесува на возниот парк. Во 2022 година, онлајн-трговецот ќе има 10.000 електрични возила за достава во својот возен парк ширум светот. До 2030 година, нивниот број ќе се зголеми на 100.000 возила. Фургонот е еден од трите видови електрични возила што ќе ги користи компанијата. Amazon инвестираше во развојот на фургонот и постави точни барања како истиот да биде конструиран, за работењето да се одвива оптимално и воедно да се гарантира врвна безбедност.
Директорот на возниот парк на Amazon во светски рамки, Рос Рачеј: „Кога почнавме да го осмислуваме првото возило со Rivian, знаевме дека тоа мора да ги надминува останатите доставни возила. Намерата ни беше возачите да го сакаат и клиентите да бидат одушевени кога ќе го забележат, додека минува низ соседството и се движи кон нивниот дом.“
Покрај тоа што возилото се издвојува со електричниот погон, неговата конструкција е оптимизирана за достава на пратки.
Неколку детали што Amazon првпат ги објави денес за своето возило од Rivian:
- Врвна сензорска технологија и системи за асистенција, заедно со широк ветробран за одлична прегледност.
- Надворешни камери околу целото возило од кои сликата се пренесува на дисплеј во кабината.
- Целосна интеграција со Amazon Alexa за говорно командување со навигацијата и сообраќајните информации.
- Зајакната возачка врата за подобра заштита.
- Прооден под за лесно движење во возилото.
- Широки стоп-светла за подобро сигнализирање.
- Три нивоа на полици.
Како што објаснуваат од компанијата, стартапот Rivian бил избран за добавувач на возилата, затоа што традиционалните производители не можеле да одговорат на посебните барања на Amazon, односно за тоа им било потребно долго време.
Возниот парк во Европа годинава ќе се прошири за 1.800 електрични возила, додека во Индија до 2025 година ќе бидат пуштени 10.000 електрични возила, кои ќе доставуваат во повеќе од 20 градови. Во ЕУ, Amazon користи и електрични товарни велосипеди за достава.
















