Според објавите на корејските медиуми, Tesla планира да стекне удел во LG Energy Solution. Идната фирма ќерка на LG Chem што се специјализира за производство на батериски ќелии, се очекува да започне со работа во декември.
Tesla е заинтересирана да откупи удел во акциите на LG Energy Solution, новата фирма ќерка на LG Chem. Новата компанија ќе започне со работа во декември 2020, како огранок за батерии што ќе дејствува независно од LG Chem.
Покрај батериски ќелии за електрични автомобили, во фабриките ќе се произвдедуваат и батерии за телефони и други преносни уреди. Според објавата на „Korea Times“, со повикување на извори од банкарскиот сектор, Tesla се подготвува за учество во LG Energy Solution во висина до 10 проценти.
Додека еден од изворите на „Korea Times“ наведува дека Tesla планира да стекне удел до десет проценти, друг извор шпекулира со значително помал удел. „Уште е рано да се каже, дали Tesla навистина планира да учествува во LG Energy Solution. Имајќи ги предвид напорите што Tesla ги вложува во намалување на трошоците и во производство на тркалезни батерии, голема е веројатноста дека Tesla планира удел во LG Energy Solution”, цитира корејскиот дневник.
















