Спокојот и удобноста во возењето се одлика уште од првата генерација на Lexus LS. Главниот шеф за развој во Lexus, Тошио Асахи, ветува дека овие две особини се подигнати на уште повисоко ниво кај новиот LS.
Lexus обично се поврзува прво со хибридниот погон и тоа важи и за освеженото моделско годиште на знаменосецот LS. Јапонската луксузна марка направи преработениот Lexus LS 500h да ја ослободува моќта помеко, покултивирано и порелаксирано од кога било досега. Батеријата е оптимирана, електромоторот е активен во повеќе ситуации.
Без премногу детали, инженерите на Toyota објаснуваат кусо дека сега е потребно помалку напор за погонот да се вози побрзо. LS забрзува помеко и порамномерно. Комфорот во градско возење е подобрен, но има напредок и на кривулести патишта и по нагорнини. Доволно е само малку да се притиска врз педалот за гас.
https://photos.app.goo.gl/jpEnmx6jwSk9rA6R9
Бидејќи батеријата добива поголема улога во погонската спрега, моторот може да работи со пониски вртежи. Тоа прави возењето да продолжи тивко, откако лимузината претходно се движела само на струја.
Извршени се бројни подобрувања во подвозјето, меѓу другото во активната амортизација, во стабилизаторите, па на крајот и конструкцијата на седиштата не е пропуштена. Во активните амортизери на системот AVS се вградува нов магнет и зголемен е протокот во главниот вентил, со што се постигнува подобро придушување на нерамнините на груба површина. Во исто време се подобрува и повратната информација во управувањето.
https://photos.app.goo.gl/TYtrJLnLgU8sqqsq9
Посебен впечаток остава и целосно автоматскиот Lexus Active Park Assist. Тоа е прв систем на марката и воопшто во премиум сегментот, што ги меморира местата кои возачот ги користи често и ги препознава кога возилото ќе се приближи до истите. Системот ги контролира управувањето, гасот и сопирачките, менувачот, со цел да маневрира безбедно и прецизно.
Паркирањето стартува по притискање копче, по што сензори за растојание и камери во 360 степени помагаат вештачката интелигенција во возилото да пресмета како возилото да се паркира најбрзо и најбезбедно. Системот функционира независно од тоа дали местото за паркирање е обележано со линии.
https://photos.app.goo.gl/9vJPX8qtZTewKr6E6
Спектакуларната технологија на светла BladeScan што имаше премиера во Lexus RX, сега се вградува и во LS. Системот работи со огледало што ротира со фантастично висок број на вртежи и притоа го менува аголот зависно од условите и на тој начин соодветно ја рефлектира светлината од диоодните светилки. Предноста е во тоа што се осветлува многу поширок дел од патот, без притоа да се заслепуваат возачите отспротива.
Во внатрешниот ретровизор може по желба да се прикажува слика од задната камера, кога има патници на задната клупа и видливоста е попречена. Друга предност е тоа што сликата е светла и јасна дури и ноќе и при лошо време.
https://photos.app.goo.gl/ccAtKMiJhW1Cy46d9
Lexus LS доби нов мултимедиски систем со преработено сензорско поле, што е поставено поблиску до возачот. Интеграцијата со паметен телефон преку Apple CarPlay и Android Auto овозможува пристап до омилени апликации, како Google Assistant или Google Maps, односно до Siri, Spotify, Audible и Apple Podcasts.
Прекинувачите на воланот се преработени со цел да се поедностави ракувањето. Површината околу командите за климата е облагородена со клавирски лак.
Промените во надворешниот изглед се сведуваат на новиот преден браник и на новата решетка во маската, во темен металик финиш. Во тенките диодни светла со три комори се крие технологијата BladeScan и задолжителното дневно светло во форма на L. Во нивото Luxury се достапни нови тркала од 20 инчи, со полиран дел што прави контраст со темните површини. Во варијантата F Sport повеќе се забележуваат отворите за воздух долу во браникот, кои се поместени странично и имаат правоаглеста форма.
https://photos.app.goo.gl/rp66BVjU517Txbwj9
Новина во палетата е лунарната сребрена боја, која нормално за Lexus, се нанесува со посебна технологија. Се користи ултразвук за одделните слоеви лак да се дозираат точно и да се нанесе слој алуминиум тенок само еден микрометар. Понатаму, во специјална постапка се запечуваат честичките алуминиум и се распоредуваат рамномерно. На тој начин се постигнува врвен сјај.
Традиционалните техники на јапонските занаети отсекогаш имале посебна примена во Lexus. Овојпат има две нови техники што се применети во панелтие во вратите. Опцијата „јапонска уметност“ стои на располагање ексклузивно со лунарната сребрена боја за каросеријата. Техниката на плетење се нарекува нишиџин: Од тенко исечени и рамни сребрени влакна се плете мустра со тридимензионален ефект, со сличен ефект како кај брановите под месечева светлина.
https://photos.app.goo.gl/ykrnU31Uofu8mQCEA
Оваа занаетчиска вештина е стара над 400 години и се нарекува хаку. Металот се вала додека не се постигне дебелина од еден до два микрометри. Прочуените такуми мајстори рачно ги вградуваат овие украсни панели во LS.
Уште една новина во изработката на ентериерот е облогата од природно дрво со отворени пори. Притоа се користи јасен со црна лазура, кој може да се нарача или во необработена форма или сечен ласерски. Во вториот случај, темното дрво создава остар контраст со сребрениот слој метал под него, што е изработен со високопрецизна постапка на ласерско сечење.
https://photos.app.goo.gl/bBUCBnNyjbihS2Qt9
https://photos.app.goo.gl/cZWJHpLoC1rFw82Z7
>>> Lexus меѓу ѕвездите на филмскиот фестивал во Венеција
















