Еден од најактивните хотели во Минхен доби два електрични BMW i3 во возниот парк, кои ќе бидат еден вид подвижна реклама. Но, и автопроизводителот не останува со куси ракави
Имиџот што го зрачат електричните автомобили досега бил честопати користен од компаниите што се директно присутни во јавноста. Германската пошта, на пример, цел свет ја знае по нејзините жолти електрични комбиња, кои дури и самостојно ги произведува. Сега и баварскиот автопроизводител го „продава“ имиџот на својот BMW i3.
При посета на Минхен, голема е веројатноста да се помине покрај хотелот „Лавлејс“, лоциран во стариот град, меѓу Фрауенкирхе и Одеонсплац. Хотелот е изграден уште во 1893 година и уште оттогаш поттикнува вистинска врвулица, со многубројните настани деноноќно.
Многумина уште се вчудовидуваат кога ќе дознаат дека BMW i3 досега се има продадено во преку 100.000 примероци
BMW од почетокот на годинава соработува со „Лавлејс“. Гостите на хотелот имаат на располагање два BMW i3, со впечатлива графика, којашто ги симболизира многубројните примероци од електричниот автомобил кои врват насекаде низ светот.
За возврат, вработените во „локалниот“ производител на автомобили можат да посетуваат и користат конференциските сали на највисокиот кат, кои воедно се отворени и за посетителите. На тој начин, BMW се надоврзува на хотелскиот концепт кој се разликува од вообичаената претстава за вакви објекти.
Многумина уште се вчудовидуваат кога ќе дознаат дека BMW i3 досега се има продадено во преку 100.000 примероци – и има извозено две милијарди километри, без ниту грам штетен издув. Тоа значи дека сите i3 заедно ја имаат обиколено Земјата 50.000 пати. Така пишува и на каросеријата на хотелските електромобили.

















