Електричниот автомобил когошто го чекаат близу половина милион возачи, уште нема фатено залет. Место 1.500, во третиот квартал се произведени само 260 примероци од Tesla Model 3. Големите американски производители во меѓувреме најавуваат големи планови со електрични автомобили.
Калифорнискиот специјалист за електрични автомобили наидува на пречки во производството на новиот Tesla Model 3. Од јули до август се произведени само 260 примероци од електричната лимузина, а испорачани се 220 примероци. Во производството се појавуваат тесни грла. Усогласувањето на производството во Фремонт и во фабриката за батерии во Рено траеше подолго од планираното.
По еден Tesla Model 3 на секои сто произведени примероци од Model S и Model X
Tesla започна со производството на Model 3 во јули. Еден месец подоцна беше најавено дека до крајот на септември ќе се произведат над 1.500 примероци. Појавувањето на Model 3 е меѓу најзначајните моменти во електромобилноста, како автомобил што со цената од 35.000 долари е близу половина поевтин од останатата моделска понуда на Tesla.
Во изминатото тромесечје Tesla произведе вкупно 26.150 возила, што е за близу пет проценти повеќе отколку во истиот период лани. Од вкупната продукција, околу 14.000 примероци се од Model S додека останатите примероци се од електричниот кросовер Model X.
Every day, we are turning this vision into reality. https://t.co/hgZK7NitQf
— General Motors (@GM) October 3, 2017
Големи планови најавуваат и General Motors и Ford. Во следните пет години, GM ќе стартува со продажба на дваесет нови модели со електричен или водороден погон. Наспроти тоа, Ford прво ќе состави специјален тим којшто ќе работи на популаризација на електричниот погон низ целиот свет, а во истовреме ќе истражува можности за воспоставување партнерства.
Двата големи американски производители се приклучуваат на европските и азиските ривали Toyota, Renault-Nissan, Daimler, Volkswagen и BMW, кои веќе имаат вложено милијарди евра во развој и производство на електрични автомобили. Кина, Индија, Франција и Велика Британија ќе ги забранат моторите со внатрешно согорување до крајот на следната деценија или најдоцна до 2040 година, индустријата се подготвува.















