Дитер Цече соодветно се награди за рекордната добивка што лани ја оствари неговата компанија. „Платата“ на првиот човек на Daimler и главен заслужник за препородот на Mercedes изнесува близу 10 милиони евра.
Од рекордната година на концернот Daimler соодветно протифираше и шефот Дитер Цече. Според деловниот извештај за 2015 година, најголемиот заслужник за препородот на Mercedes и сите останати марки и деловни подрачја на германскиот концерн лани заработил 9,7 милиони евра. Тоа е за дури 1,3 милион евра повеќе отколку во предминатата година. Заработката се одредува според сложена формула со повеќе фиксни и варијабилни фактори, односно се ориентира според заработката што ја остварува компанијата и достигнувањето на поставените цели.
Daimler лани ја зголеми оперативната добивка на Daimler за повеќе од една третина, на 13,8 милијарди евра. Но, парите нема веднаш да легнат на сметката на Цече. Во платата се вклучени и долгорочни компоненти, чија што вредност меѓу другото се одредува и според развојот на конкуренцијата и истата може да се промени по неколку години. Повеќе од Цече лани заработи само поранешниот шеф на Volkswagen, Мартин Винтеркорн, со 16 милиони евра.
Останатите германски производители на автомобили уште ги немаат објавено деловните биланси за ланската година, а со тоа и добивката на шефовите. Во Daimler не профитираат само членовите на одборите, туку и акционерите и вработените. Околу 125.000 вработени во компанијата само во Германија, за лани исто така добија рекордна дивиденда во висина од 5.650 евра.
















