Норвешкиот пазар на електрични автомобили порасна за една третина во мај, со вкупно 4.329 продадени возила. Еден од секои три продадени автомобили во скандинавската земја се движи на струја.
Електричната изведба на Volkswagen Golf во минатиот месец се врати на бестселерското место на норвешкиот пазар, со 457 продадени примероци. Тоа е највисока месечна продажба од почетокот на годинава и се очекува истата да продолжи да расте. Новото моделско годиште на e-Golf располага со досег зголемен за половина во споредба со претходникот.
Втор најпродаван модел е BMW i3 со 410 примероци, третото место му припаѓа на плагин-хибридот Mitsubishi Outlander PHEV со 343 примероци. Заедничко за водечката тројка е тоа што сите доаѓаат во нови верзии, со зголемен досег. Јапонскиот теренец наскоро ќе стартува со продажба во обновената верзија во којашто возачот може самостојно да го вклучи погонот на струја.
BMW i3 е лидер на пазарот на електрични автомобил во Норвешка
Сметано од почетокот на годинава, најголема продажба има постигнато BMW i3 со 2.349 примероци, пред Nissan Leaf со 1.818 примероци и плагин-хибридот Volkswagen Passat GTE со 1.636 примероци. Електричниот Nissan во мај се продаде во само 272 примероци, што е најслаба продажба годинава. Јапонскиот специјалист веќе ја најавува комплетно новата, трета генерација од најпродаваниот електромобил на сите времиња.
https://www.facebook.com/nissan/photos/a.334829559908508.78977.333711736686957/1429827657075354/?type=3
Норвежаните не се колебаат ниту за погонот на водород. Hyundai ix35 во мај постигна две продажби, додека од почетокот на годинава се продадоа вкупно 14. Многу посовремениот Toyota Mirai досега има само три продажби во Норвешка. Продукцијата на револуционерната лимузина со погон на водород е крајно ограничена.
Погонот на струја го зафаќа и сегментот на доставни возила. Nissan e-NV200 и Peugeot Partner EV во изминативе пет месеци постигнаа 116, односно 95 продажби.
















